Младите ќе ја креираат енергетската стратегија
Здружението на граѓани “Проактива”, до крајот на годинава ќе реализира проект за афирмација на младите во општествените текови, преку вклучување во креирањето на енергетската стратегија на национално ниво.
Преку трибини и пропаганден материјал, средношколците ќе бидат информирани за актуелната состојба во Македонија, за алтернативните и за обновливите енергетски извори, од економски аспект и од аспект на заштитата на животната средина. Проектот, освен во Скопје, ќе се реализира и во Битола, Струмица и во Штип, под мотото “Младите за сегашноста и иднината”.
(Вест, 26.08.2002)
Работилница за заштеда на топлината
Минатата недела во детската градинака “Мајски цветови” во населбата Тафталиџе, беше организирана еко-работилница за заштеда на топлинска енергија. Работилницата е организирана од НВО “Проактива”, во соработка со чешката НВО “Хнути духа” и општина Карпош. Учесниците во неа можеа да научат нови, поевтини начини на заштеда на топлинската енергија.
Славјанка Миладинова, од “Проактива” информираше дека користат специјален начин на изолација на просториите, односно вратите и прозорците ги изолираат со силиконски ленти. Таа објасни дека со овој начин на изолација во јавните институции може да се заштеди 30 отсто од топлината која се растура и се губи.
Работилницата е дел од проектот “Евтини начини на заштеда на енергијата”, кој “Проактива” го релизира со финансиска помош од одделението за меѓународен развој при британската влада, односно годишно добиваат 11.000 фунти. До крајот на годината тие ќе организираат уште седум вакви работилници, од кои повеќето во Скопје. Сите оние што сакаат да учествуваат во овие работилници подетални информации можат да добијат на телефонот на НВО “Проактива”: 126-350.
(Вест, 19.03.2002)
ПРОАКТИВА – ПРОМОЦИЈА НА УЧЕСТВОТО НА ЈАВНОСТА
Проактива е невладина и непрофитна организација, основана во март 2001 година и деновиве ја прослави годишнината од своето постоење. Идејата за основање на оваа организација произлезе од фактот што во Македонија постои голема потреба од учество на јавноста во донесувањето одлуки, посебно во активностите на меѓународните финансиски институции (МФИ) чии проекти и инвестиции имаат големо влијание врз економијата и врз животната средина.
Македонија располага со огромни природни потенцијали. Затоа Проактива смета дека истите можат да се искористат за производство на обновлива енергија, како што и е во западните земји. Освен тоа, Проактива работи на полето на ефикасно искористување и штедење на енергијата во домаќинството.
Оваа организација пред себе има повеќе цели: мониторинг на меѓународните финансиски институции; промовирање обновлива енергија; промовирање енергетска ефикасност и промовирање одржлив развој.
Основните цели на Организација се спроведуваат преку реализација на планираните активности, како што се организирање јавни кампањи, изработка и дистрибуција на печатен материјал, лобирање кај носителите на одлуки, организирање семинари и состаноци, дистрибуција на информации до НВО и други заинтересирани групи, спроведување истражувања и едукација на јавноста за можноста за јавно учество.
Во досегашното едногодишно постоење, Проактива беше активна со неколку свои програми. Така, преку активностите на CEE Bankwatch Network во Македонија, започнати од основањето на Проактива, се врши набљудување на работата и активностите на меѓународните финансиски инстутуции во Македонија.
Македонски енергетски бригади е двегодишна програма која се однесува на полето на енергија и која е започната од јануари, 2002 г. Преку оваа програма се врши изолација на прозорите и на вратите на јавните институции (училишта, градинки и сл.), со што се придонесува кон заштедата на енергијата од 20 до 30 проценти.
Значаен е проектот на Проактива „Право на учество”, којшто опфаќаше организирање семинар за обука на активисти од НВО за работа со МФИ и средби со претставници од овие институции. Периодот на реализација на овој проект беше од почетокот на мај минатата година до крајот на месец март, годинава.
Проактива е членка на две меѓународни мрежи на НВО – CEE Bankwatch Network, најголемата мрежа на невладини организации од Централна и Источна Европа која работи на мониторинг на меѓународните финансиски институции и нивните активности, и Меѓународните енергетски бригади (International Energy Brigades), најголемата мрежа на невладини организации во Средна и Источна Европа која работи на проблематиката на енергија. Проактива активно соработува со неколку меѓународни организации и фондации, како што се Milieukontakt Oost-Europa и Both ends од Холандија, IIEC од Англија, CEE Bankwatch Network, DFID и други.
(Граѓански свет, 14.03.2002)
ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА ПРОАКТИВА – ТРЕТА СРЕДБА НА НВО СО СВЕТСКАТА БАНКА
Во рамките на проектот „Право на учество”, финансиран од холандската НВО Милеуконтакт Оост-Еуропа, Здружението на граѓани Проактива од Скопје на 20 февруари годинава ја организира третата средба на здруженија на граѓани и Светската банка. Средбата се одржа во просториите на Банката во Скопје. На средбата присутните претставници на граѓанските здруженија има можност од страна на Жарко Богоев, одговорен за секторот за инфраструктура и енергетика при Светската банка, да дознаат за реализираните, тековните и идните проекти спроведени во земјава, со финансиска помош од Банката.
Владимир Карчицки, секретар на Проактива, поајсни дека проектот “Право на учество” го започнале на 1 мај 2001 г., а било предвидено да трае до 30 ноември, истата година. За таа цел организирале еден семинар за мониторинг на меѓународните финансиски институции (МФИ), две средби на НВО од земјава со Светската банка (СБ) и една со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД). Успешноста на проектот наложила продолжување на истиот и по 30 ноември, минатата година. Проектот продолжува до 15 март годинава, а оваа средба беше во тие рамки.
– Средбите имаат за цел информирање на граѓаните за проектите и процедурите за нивното спроведување, помогнати од МФИ. На овие средби редовно повикувавме по петнаесетина граѓански организации, како што и беше денеска. Се обидуваме да бидат опфатени организации од цела Македонија. Досега на средбите учествувале претставници од Македонкиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Планинарското друштво “Ѓорги Наумов”, Еколошкото друштво “Фиданка”од Скопје, “Биосфера” од Битола, ЕД “Грашница” од Охрид, ЕД “Злетовица” од Пробиштип, ЕД “Виножито” од Штип, “Голак” од Делчево, AIESEC (АИЕСЕЦ) – огранок Прилеп и многу други.
Проактива дејстува во областа на екологијата и е членка на повеќе меѓународни организации, меѓу кои CEE Bankwatch Network – мрежа на НВО од централна и источна Европа кои работат на мониторинг на организациите донатори, International Energy Brigades (IEB), исто така мрежа на НВО за централна и источна Европа која работи во областа на обновливата енергија и нејзино ефикасно користење, итн.
(Граѓански свет, 20.02.2002)