УЧЕСТВО ВО ПРОЕКТИ – НЕАП2, ПРОАКТИВА, ГОПА, CARDS 2004, CARDS 2005
За подготовката на НЕАП 2 во делот за воздухот, водата и бучавата беа дадени материјали и извештаии, како извештај од обработени податоци за 2002 и 2003 година, месечни извештаии од Државниот мониторинг систем за квалитет на воздух, табела по SNAP номенклатурата и ЕМЕП табелите. Ревизија на подготвената драфт верзија при што беа корегирани повеќе делови во извештајот. Учество во работата на јадрената група за мониторинг и управување со податоци во рамките на Проектот „Зајакнување на капацитетот на Министерството за животна средина и просторно планирање“ (прегледување и давање коментари по Стратегијата за мониторинг на животната средина и Стратегијата за управување со податоци за животната средина).
− Подготвена е информација до Владата на РМ во врска со усвојување на Стратегијата за комуникација во животната средина, која е изготвена во рамки на Проектот Зајакнување на капацитетите на Министерството за животна средина и просторно планирање. Претходно се побарани мислења од другите министерства и е подготвен формуларот за фискални импликации, кој треба да се достави до Министерство за финансии. Информацијата не е доставена до Владата на РМ бидејќи се чека усвојувањето на Законот за животна средина, кој е основ за изгутвување на стратегијата.
Учество во проектот за подигање на јавната свест за подобрување на квалитетот на воздухот со користење на јавен превоз, велосипеди и др. кој го спроведува ПРОАКТИВА. Во врска со овој проект министерството, односно Група за мониторинг за квалитет на воздух секој ден подготвува информација за состојбата со квалитеот на воздухот во Скопје и ја доставува до Проактива, која што потоа ја дистрибуира до јавните медиуми. Оваа активност заврши заклучно со мај 2005.
Учество во подготовка на ТоР од областа на водухот во склоп на програмата CARDS 2004 и учество во изработка на ТоР за твининг проектот “Подобрување на квалитетот на воздухот“ во склоп на програмата CARDS 2005 година и на ТоР од областа на бучава и коментари по изработката на истите.
(ИЗВЕШТАЈ ЗА ЗАВРШЕНИ АКТИВНОСТИ НА МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН ЦЕНТАР ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА ЗА 2004 ГОДИНА)
ПРОЕКТ НА ПРОАКТИВА
ДА СЕ КОРИСТИ ВЕЛОСИПЕД НАМЕСТО АВТОМОБИЛ
Здружението на граѓаните Проактива од Скопје, во соработка со Здружението на урбанистите од Србија започна со реализација на проектот “Интегрален пристап за разрешување на сообраќајните проблеми од одржлив аспект”. Проектот е поддржан од Регионалниот центар за животна средина (РЕЦ) преку фонд обезбеден од Канцеларијата за европска помош за соработка при Европската комисија. Во Македонија овој проект се реализира и во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Градот Скопје и ЈСП – Скопје. Целта на преземените активности е да се влијае во надминувањето на проблемите предизвикани од зголемениот интензитет на сообраќајот во Скопје и во Белград. Проектот започна со проценка на степенот на информираност на граѓаните за можните последици од зголеменото количество на издувни гасови од автомобилите, како и нивната желба за користење на поодржливи начини на транспорт. Во анкетите граѓаните беа прашани за нивните навики да користат автобус наместо автомобил и предностите за заштитата на животната средина во тој случај. Во овој дел од проектот беше спроведена и првата кампања “Јакнење на јавната свест за последиците предизвикани од издувните гасови на автомобилите”. Граѓаните беа информирани за негативните последиците кои ги предизвикуваат издувните гасови од автомобилите и за предноста да се користи масовниот превоз на патници.
“Земајќи ги предвид резултатите кои ги добивме при неодамнешната анализа, 71% од граѓаните се изјасниле дека не го знаат интервалот на движење на автобусите на ЈСП. Од друга страна, 44 % од испитаниците се изјасниле дека за да користат почесто јавен транспорт најважно им е да бидат информирани за времето кога одреден автобус пристигнува на автобуската постојка. Затоа, во рамките на втората кампања ‘Користи јавен транспорт’, подготвивме 30.000 џебни возни редови на автобусите на ЈСП на кои е претставено точното време кога автобусите тргнуваат од почетните и крајните станици. Преку оваа активност имаме за цел поретко и порационално користење на автомобилите на сметка на јавниот транспорт”, вели Александра Димова, лидер на проектот.
Во план е и подготовка на мапа на која ќе бидат претставени велосипедските линии во градот. Со неа граѓаните ќе бидат информирани за тоа каде можат безбедно да се движат со своите велосипеди. Од друга страна, со поинтензивна употреба на велосипедите, меѓу другото, ќе се влијае и врз намалување на емисијата на штетни гасови од автомобилите. Во Скопје, од неодамна, постои велосипедска патека покрај кејот на Вардар која поврзува десетина населби. Велосипедската патека е изолирана од секојдневната сообраќајна мрежа, нуди голема безбедност за велосипедистите, како и возење во еколошки услови, подалеку од издувните гасови. Исто така, во градот, во последните години постои тренд при изградбата на важни сообраќајници или мостови задолжително во проектите да се предвидат и велосипедски патеки. За љубителите на алтернативниот превоз има с$ повеќе простор, само тие треба да дознат каде се и како се поврзани постоечките велосипедски патеки. “Земајќи го предвид фактот дека дел од граѓаните не сакат да се откажат од своите автомобили, нашата трета кампања ја насловивме како ’Вози ги соседите, вози ги колегите’. На овој начин сакаме да го промовираме системот ‘Дели го автомобилот’ кој во земјите со развиена јавна свест веќе подолго време функционира”, истакнува Димова. Покрај овие три кампањи, во рамките на овој проект Проактива ќе организира предавање на тема “Одржлив пристап во урбаното планирање – подобро место за живеење”.
(Граѓански свет, 17.10.2004)
ЗДРУЖЕНИЕ “ПРОАКТИВА”
Занает се учи и со неколку часа обука
Со проектот за поставување изолација на прозорците и на вратите се заштедува енергија
Волонтери од здружението “Проактива” обучуваат невработени лица да местат изолација на прозорци и на врати со силиконски ленти и со течен силикон. Обуката и местењето на изолацијата се дел од проектот на Меѓународните енергетски бригади, а кај нас го реализираа тимот волонтери од “Проактива” именувани како “Македонски енергетски бригади”. Во изминативе две години се обучени околу 40 невработени лица, најмногу студенти.
– Потребни се неколку часа за да се научи да се работи со машините и правилно да се постават лентите на местата каде што има најголем провев. Во зависност од тоа колкав е провевот, во рамките на прозорците се прават жлебови и се поставуваат силиконските ленти. На тие што ќе одлучат да продолжат самостојно да поставуваат изолација, освен со обуката, им помагаме и со машини, ленти, течен силикон и со совети. Ги обучуваме и хаус-мајсторите во училиштата и во детските градинки – објаснува Славјанка Миладинова, координаторка на проектот “Македонски енергетски бригади” при здружението “Проактива”.
Миладинова вели дека во Чешка, од каде што досега се набавувале силиконските ленти, од оваа работа живеат цели семејства.
Пред новогодишните празници од погоните на Медицинска пластика од Тетово излегле и првите силиконски ленти произведени во земјава, со што според Миладинова, му се помага и на нашето стопанство.
Во рамките на проектот во изминатите две години биле поставени десетина такви изолации низ земјава. Меѓу институциите во кои е поставена таква изолација се и Домот за стари лица во Злокуќани, неколку детски градинки, осмолетката “Страшо Пинџур” во населбата Новоселски Пат.
– Заедно со општинските власти во Карпош, во 2002 година наместивме изолации во семејства што се жалеа на силниот провев во домовите. По извршената анкета, граѓаните не информираа дека со изолацијата не само што становите им се потопли, туку е намалена и бучавата.
Ние вршиме и мерења пред и по поставувањето на изолацијата. Резултатите покажаа дека заштедата во топлинска енергија е околу 20 отсто, што е заштеда и во пари – вели Миладинова.
Наскоро такви изолации ќе се постават во училишта во Струмица, Делчево и во Свети Николе. Според Миладинова, местењето изолација и обновувањето на прозорците во еден стан би чинеле околу 2. 000 денари.
(Дневник, 26.01.2004)
„ЧИСТА ЕНЕРГИЈА – СОНЧЕВА ЕНЕРГИЈА“
Здружението на граѓаните Проактива од Скопје, во рамките на проектот „Сонцето – нашата иднина“, ја издаде од печат публикацијата „Чиста енергија – сончева енергија“. Во неа се застапени општите информации за сончевата енергија, за можните начини за нејзино искористување и претворање во топлинска и електрична, како и информации за сончевиот потенцијал во Република Македонија.
Проектот се реализира со цел да ја промовира сончевата енергија, нејзината поголема примена кај нас, бидејќи станува збор за бесплатна енергија при чие користење не се загадува животната средина.
Во реализација на „Чиста енергија – сончева енергија“ учествуваа ЕД Светлина од Неготино и Етерна солар од Скопје, а проектот беше поддржан од националниот грант на Регионалниот центар за заштита на животната средина – канцеларија во Македонија со финансиска поддршка од Данското министерство за животна средина и енергија.
(Граѓански свет, 19.01.2004)