Select Page

Волково и Орман против заобиколниот пат кај Скопје

Два поуспешни примери за градење капацитети за колективно дејствување се еколошки: Велес (приказ III 4.6.) и заобиколниот автопат кај Скопје. Приказ III 4.7.
Здружението на граѓаните „Проактива“, заедно со месното население од Волково, Орман, Никиштане и Кучково формираа коалиција заради изнаоѓање поконструктивно решение за трасата „Северна обиколница на Скопје“, т.е. за втората делница од овој пат на потегот Оризари-Кондово, со цел да се намалат негативните ефекти на истата врз животната средина и животот на локалното население. Со ова се промовира унапредување на интересите на граѓаните во областа на животната средина и промовирање на јавното учество. Фондот за магистрални и регионални патишта (ФМРП) организира јавна расправа, на која Коалицијата ги изнесе своето мислење и ставови во однос на изградбата на втората делница. Заклучоците од јавната расправа беа земени предвид или беа вклопени во проценката за влијание врз животната средина. Локалното население организира собирање потписи, а петицијата беше предадена во ФМРП. Проактива активно го следи одвивањето на изградбата на северната обиколница на Скопје, иако процесот е статус кво. Се најавува почеток на изградбата во 2006 година.

(Цивикус – Индекс на граѓанското општество во Македонија; Проценка на граѓанското општество во Македонија: По 15 години транзиција – од стабилизација кон граѓанско учество; МЦМС, 2005)


ОДБЕЛЕЖАН 5 ЈУНИ, СВЕТСКИОТ ДЕН НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

ДЕН КОГА АВТОМОБИЛИТЕ СЕ ЗАМЕНУВААТ СО ВЕЛОСИПЕДИ
Светскиот Ден на животната средина 5 ју­ни, традиционално беше одбележан со ма­нифестацијата “Да бидеме Европејци, да возиме велосипед”. Стотици скопјани, мла­ди и стари, пеш и на велосипед, тротинет или ролерки, излегоа да прошетаат и да се забавуваат на Градскиот парк. Ми­ни­сте­рот за животна средина, Зоран Шапуриќ, возејќи велосипед, ја испрати пора­ка­та за поголема грижа за животната среди­на, природата, природните богатства и жи­­­виот свет, нагласувајќи дека овој ден го одбележуваме како потсетник дека се­кој човек треба да го даде својот придо­нес за поздрава човекова околина.
“Де­нот за заштита и унапредување на при­ро­дата се слави од 1972 година кога како та­ков беше одреден во рамките на ООН. И годинава се обидуваме, секој на свој на­чин, да дадеме свој придонес за за­чу­ву­ва­ње на околината”, истакна Шапуриќ.
Во рамките на одбележувањето на Денот на животната средина граѓанската органи­за­ција Проактива на сите присутни во Гра­дскиот парк им подели велосипедски ма­пи на градот, маички и налепници со цел да се популаризира овој алтернати­вен начин на превоз, кој е многу популарен во европските држави, а наедно и не ја загадува средината. 
“Според резултатите од анкетата на Про­ак­тива, 78 проценти од граѓаните во Ско­пје не возат велосипед, што е многу мал процент во однос на некои западноевроп­ски држави како Холандија, Данска или дру­ги каде повеќе од 30 проценти возат исклучиво велосипед. Резултатите од анкетата покажуваат дека населението по­ве­ќе ќе биде заинтересирано за возење велосипед доколку се озна­че­ни велосипедските патеки”, вели Методи Панов од Проактива.
Ком­па­нијата Вучко имаше штанд на кој се од­р­жу­ва­ше отворена рабо­тил­ница за најлесно одржување и отстранување на дефектите на ве­лосипедите, каде голем број гра­ѓани си ги поправија превоз­ни­те средства со помош на струч­ни­­те совети. Во манифестацијата учествуваше и велосипедската ед­и­ница на поли­ци­јата која на гра­­ѓаните им по­де­ли совети за без­бедно возење.
На бината во паркот се одржа и Еко­лош­киот фестивал организиран од Младински­от форум за соработка. Децата беа обле­че­­ни како цвеќиња, сонца, облачиња, мо­ре, пеперутки и зајчиња и носеа транспа­ренти со еколошки пораки. На еко­фес­ти­валчето беше прочитан и говорот на генералниот секретар на ООН, Кофи Анан, посветен на светскиот Ден на животната сре­дина.

(Граѓански свет, 05.06.2005)


ПОТТИК ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ

Џебни мапи за возниот ред на автобусите
Триесет илјади бесплатни џебни мапи во боја, на кои е претставен распоредот на линиите на ЈСП – Скопје, утрово ќе бидат дистрибуирани во автобусите и во билетарниците низ градот. Акцијата ја организира Здружението на граѓани “Проактива” за да го поттикне користењето на јавниот превоз и да помогне да се намали загадувањето на воздухот од издувните гасови на автомобилите.
– На секоја мапа е претставен распоред на движење на една линија, односно времето кога одреден автобус тргнува од почетната и од крајната станица. Дистрибуцијата на овие мапи ќе се врши во соодветните автобуси на ЈСП и во билетарниците на трасите на соодветните линии. На пример, џебната мапа за автобуската линија број 2 ќе се дистрибуира во автобусите со број 2 и во билетарниците во Автокоманда, Бит-пазар и во Карпош. На пофреквентните линии ќе има по 2.000 мапи, а на линиите што поретко се користат помалку. Мапи ќе бидат доставени и до Канцеларијата за комуникација со јавноста при Министерството за животна средина – вели Влатко Трпески, заменик-координатор на проектот на “Проактива” насловен како “Интегрален пристап за решавање на сообраќајните проблеми од одржлив аспект”. 
Во “Проактива” велат дека причината за оваа активност е зголемениот интензитет на сообраќајот во Скопје и од штетното влијание на издувните гасови врз здравјето на луѓето. 
– Целта ни е да ги поттикнеме граѓаните поретко да ги користат автомобилите на сметка на јавниот превоз. Неодамна направивме анкета чии резултати покажаа дека 71 отсто од граѓаните не го знаат интервалот на движење на автобусите на ЈСП, а 44 отсто би го користеле јавниот превоз ако го знаат точниот распоред – велат од “Проактива”. 
Проектот е поддржан од Регионалниот центар за животна средина, преку фонд од Канцеларијата за европска помош и соработка.

(Дневник, 16.03.2005)


Непрописно паркираните автомобили го загрозуваат животот на граѓаните

Тротоарите претворени во паркинзи, пешаците „возат“ по улица
Казните за непрописно паркираните се мандатни и изнесуваат 1.500 денари, а рокот за плаќање е осум дена
Пешаците во Скопје се загрозени, бидејќи тротоарите се преполни со паркирани возила. Навиката на возачите да се паркираат најблиску до местото каде што тргнале речиси секој ден ги тера скопјани да одат слалом по тротоарите во строгиот центар на градот. Неправилно паркираните возила ги доведуваат во опасност пешаците, велосипедистите, но и инвалидизираните, кои постојано мора да се симнуваат на улицата за да ги заобиколат автомобилите од тротоарите. Урбаниот хаос со кој се градат објектите, без притоа да биде обезбеден паркинг-простор за потребите на граѓаните, само го усложнува проблемот.
Актуелната состојба не може да се препушти само на интервенцијата на сообраќајната полиција. Од МВР велат дека покрај казните, треба повеќе да проработи совеста на возачите. Секако во решавањето на проблемот треба да се вклучат повеќе фактори.
Со овој проблем пред еден месец се зафати и Здружението на граѓани  Проактива, кое заедно со повеќе еколошки друштва, извиднички одреди и други организации реализира кампања под мотото  Тротоарите се за пешаците. Летоци со овој напис беа поставувани на сите неправилно паркирани автомобили. Целта на акцијата беше да се потсетат возачите и одговорните институции дека неправилно паркираните возила ги доведуваат во опасност граѓаните.
– Свесни сме дека овој проблем не може да се реши само со една кампања. Ова, сепак, е проблем кој бара заедничко  и координирано дејствување на сите институции, Градот, локалната самоуправа, јавните претпријатија, полицијата и НВО-секторот. Мора да се земат предвид сите причини кои го предизвикуваат проблемот и да се работи на нивното елиминирање. Како една од причините за овој сообраќаен хаос е јавниот транспорт. Квалитетот на услугите што ги нуди не ги задоволуваат потребите на граѓаните. Доколку се унапреди квалитетот на јавниот превоз, може да се очекува поголем број граѓани да го користат овој начин на превоз наместо да се вози по еден човек во автомобилли, вели Александра Димова, проект-лидер од  Проактива.
Борче Пешевски, портпарол во МВР, вели дека сообраќајните патроли редовно преземаат редовни и вонредни контроли. Казните за непрописно паркираните се мандатни и изнесуваат 1.500 денари, а доколку во законскиот рок од осум дена не бидат платени, тогаш против сторителите се поднесуваат барања за поведување прекршочни пријави.
Во  Проактива додаваат дека може да се земе како пример Загреб, каде што е забрането движењето на автомобили во строгиот центар, а има само проток на јавниот транспорт. Во Белград, пак, воспоставен е систем  „паркирај и вози“. За да се избегне создавање сообраќаен метеж, белграѓани со билетот што го платиле за паркирање на своите возила во центарот на градот можат да користат јавен транспорт.

 (Утрински весник, 02.03.2005)


ПРОАКТИВА ЈА ПОТСЕТУВА ЈАВНОСТА И НАДЛЕЖНИТЕ ИНСТИТУЦИИ
Ослободете ни ги тротоарите!
Доста беше одење сред улица. Тротоарите се направени за движење пешаците, велосипетските патеки за велосипедистите, а не за паркирање возила, поставување тезгиња и слично. Ова е она што ги револтираше членовите на Здружението на граѓани “Проактива”. Поради тоа тие, поддржани од повеќе еколошки друштва, извиднички одреди и други невладини организации ја започнаа кампањата “Тротоарите за пешаците”. Стартувајќи од центарот на градот тие почнаа да лепат налепници на возилата кои се непрописно паркирани, со цел да ги потсетат дека тротоарите имаат сосема поинаква намена.
“Налепниците се изработени по одредени критериуми за да не дојде до нивна злоупотреба. Тие се лесно одлепливи и што е најважно не ја оштетуваат бојата на каросеријата на возилата” – вели Александра Димова, член на “Проактива”. Таа додава дека нивната цел е да го свртат вниманието и на јавноста и на надлежните институции. “Голем проблем е културата на однесување на возачите на автмобили, што предизвикува сообраќаен хаос во урбаните средини. Постојано и насекаде се случува тротоарите и велосипедските патеки да бидат блокирани, па пешаците и велосипедистите се принудени да се движат по сообраќајниците, изложувајќи се на опасност” – образложува Димова, според која под вакви околности особено е тешко да се движат луѓето во инвалидски колички.
Кампањата ја поддржуваат Министерството за животна средина и просторно планирање, холандската фондација “Милеуконтакт ООСТ Еуропа” и општините Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Струга, Пробиштип и Кратово.

(Вечер, 28.02.2005)


JАВНИОТ ТРАНСПОРТ ДОБИ ДВОЈКА ОД ГРАЃАНИТЕ
Скопјани сакаат чисти и редовни автобуси
Во анкетата што ја спроведе Невладината организација “Проактива” граѓаните го оцениле јавниот превоз со 2,6
Осумдесет отсто од скопјани не знаат како и каде да интервенираат ако почувствуваат дека воздухот во нивната населба е загаден, покажала анкетата на Невладината организација “Проактива”, спроведена во рамки на проектот “Интегрален пристап за решавање на сообраќајните проблеми од одржлив аспект”. Според резултатите на анкетата, која најмногу се однесува на користењето на јавниот транспорт, скопјани сакаат да се возат во чисти автобуси, кои навреме стигнуваат на станиците. Граѓаните на јавниот превоз му дале оценка 2,6. 
– Целта на проектот е да се подигне јавната свест на граѓаните за последиците од издувните гасови на возилата и нивното влијание врз здравјето на луѓето и врз животната средина. Со проектот, чиј дел е и спроведената анкета, сакаме да го промовираме јавниот транспорт и да ја подигнеме свеста на луѓето за порационално користење на автомобилите – вели Александра Димова од “Проактива”.
Според анкетата, спроведена врз 254 скопјани, дури 71 отсто од граѓаните секојдневно патуваат до центарот на градот. Половина од испитаниците одговориле дека со автобус се возат бидејќи немаат сопствен автомобил, а 37 отсто кажале дека го користат јавниот транспорт бидејќи е поевтин.
– Граѓаните мора да сфатат дека емисијата на штетните гасови од автомобилите е главна причина за загадување на воздухот во центарот на градот. Државниот мониторинг за квалитетот на амбиенталниот воздух покажа фрапантни податоци. Од 6 декември до 20 јануари во Општината Центар во сите денови концентрацијата на јаглеродмоноксид била над максимално дозволените количества – вели Димова. 
“Проактива” ќе испечати и ќе дистрибуира џебни мапи на централните автобуски линии и нивниот распоред на движење, бидејќи 70 отсто од граѓаните одговориле дека не го знаат распоредот на автобуските линии. Ќе се печатат и мапи на велосипедските патеки во Скопје.
Наскоро “Проактива” ќе спроведе јавна кампања насловена како “Вози го автомобилот поретко и вози ги соседите”. На 2 и на 3 февруари ќе се одржи акцијата “Тротоарите се за пешаците”, при што граѓаните ќе им лепат налепници со опомена на сите неправилно паркирани автомобили.

(Дневник, 26.01.2005)


АКЦИЈА ЗА ПОМАЛА ЗАГАДЕНОСТ НА СКОПЈЕ

Место кола вози велосипед
Од почетокот на минатиот до средината на овој месец секој ден во Скопје концентрацијата на јаглероден диоксид во воздухот била над дозволеното ниво.

“Вози го автомобилот поретко, вози ги соседите” е мотото на кампањата што невладината организација “Проактива” започна да ја спроведува во Скопје со цел да се подигне свеста на граѓаните за штетните влијанија на издувните гасови. Од “Проактива” велат дека преку кампања ќе ги советуваат скопјани да го делат автомобилот со соседите и со колегите од работа или воопшто да не го користат. За превоз невладината организација ги препорачува градските автобуси или велосипедите. Од таму велат за да се стигне од едно до друго место во градот не е одвишно и пешачењето.
“Следниот месец ќе се испечатат и ќе им се поделат на жителите на Скопје џебни мапи за централните автобуски линии со информации за зоната и распоредот на движење и цената на билетот. Се подготвува и мапа со сите велосипедски патеки во Скопје”, рече на вчерашната прес-конференција Александра Димова, координатор на проектот кој истовремено се спроведува во Скопје и Белград.
Димова вели дека од градските власти ќе побараат да се воведе белградскиот систем на користење на билетот од паркингот. Во Белград со билетот што граѓаните го добивале за паркирање на возилото потоа можеле да се возат со градските автобуси. Организацијата ќе бара и зголемување на површините кои ќе бидат затворени за сообраќај во центарот на Скопје.
Од “Проактива” велат дека од почетокот на минатиот до средината на овој месец секој ден во Скопје концентрацијата на јаглероден диоксид во воздухот била повеќе од дозволеното ниво. Тие апелираат до скопјани секое загадување да го пријавуваат на 195 во Центарот за известување и тревожење на град Скопје.

(Вест, 26.01.2005)