Select Page

ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСНА ОПШТИНА: РАБОТИЛНИЦА ЗА СОНЧЕВА ЕНЕРГИЈА ВО ЈЕГУНОВЦЕ

Во рамките на проектот „Енергетски ефикасна општина” – Јегуновце, во Централното основно училиште „Александар Здравковски”, на 23 септември се одржа теоретска и практична работилница за сончева енергија. 
Организатор на семинарот беше работниот тим на Проактива, кој е имплементатор на проектот финансиран од Глобалниот еколошки фонд – Програмата за мали грантови во Македонија (ГЕФ/ПМГ) и Норвешкото министерство за надворешни работи. Присутните претставници од сите централни основни училишта во општината и локални волонтери помагаа при изработката на сончев систем за добивање топла вода од четири метри квадратни за потребите на  градинката во Јегуновце. 
Покрај локалните претставници, на работилницата присуствуваа Златко Самарџиев, национален координатор на ГЕФ/ПМГ и Торе Браенд од „Пријатели на Земјата – Норвешка”, претставник на проектниот партнер на овој проект на Проактива.                                               

(Граѓански свет, 23.09.2006)


Фото – изложба во Мала станица

Чернобил денес- потсетник за иднината

Пред чернобилската несреќа градот Припјат се сметаше за „врв на славата” на Советскиот сојуз. Во него живееја повеќе од 48.000 луѓе, на помалку од три километри од чернобилската нуклеарна централа, и многумина од нив директно работеа во неа.
Во рамките на одбележувањето на 20 годишнината од најголемата нуклеарна катастрофа, хаваријата на нуклеарната централа во Чернобил, Украина, вечерва во 19 часот, во Мултимедијалниот центар “Мала станица” ќе биде отворена изложбата “Чернобил денес потсетник на иднината”. Ќе бидат презентирани 30 фотографии на фоторепортерот  Вацлав Вашку кои ја освоиле втората награда за фотографија од областа на природата и животната средина за 2005 година во Чешка, (Czech Press Photo 2005), родната земја на авторот. Фотографиите се направени во околината на Чернобил во периодот март-септември минатата година, а нивниот автор  е активен во регистрирањето на проблемите со животната средина уште од 1989 година, не само како  фоторепортер , туку и како новинар.
Изложбата се обидува да одговори на прашањето како изгледа Чернобил денес, кое многумина во светот ќе си го постават  на денот на катастрофата, 26 април.  
Изложбата ја организира граѓанската организација Проактива од Скопје, во соработка со Амбасадата на Украина во Македонија и Националната галерија, а истата ќе биде отворена и во наредните десет дена.                                           

(Утрински весник,26.04.2006)