ЦЕНТАР ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ
Совети како да штедиме струја
Здружението на граѓани Проактива утре ќе го отвори првиот македонски Центар за енергетска ефикасност каде граѓаните ќе можат да добијат бесплатни информации и совети од областа на енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и за причините за климатските промени.
– Центарот ќе нуди бесплатни совети за тоа како граѓаните сами да направат сончеви колектори и да ги постават во нивните домови, кои се едноставни и не толку скапи мерки на заштеда на енергија. Граѓаните во Центарот ќе можат да се информираат за климатските промени, кои се најголеми емитувачи на загадувачките гасови и како може да се придонесе за нивно намалување – вели Јован Драгановски, проект координатор на Проактива.
Во Македонија информираноста на граѓаните за ове прашања се уште е на ниско ниво. За разлика од кај нас, центри од ваков тип има во сите поголеми европски градови и интересот на јавноста за нив се зголемува поради се поизразените закани од климатските промени.
(Вечер, 10.09.2007)
ПИЛОТ-ПРОЕКТ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ И ПРОМОЦИЈА НА ОБНОВЛИВАТА ЕНЕРГИЈА
СОЛАРНИ СИСТЕМИ ВО ИНТЕРНАТ И ГРАДИНКА ВО ОПШТИНАТА ЈЕГУНОВЦЕ
Граѓанската организација Проактива од Скопје на крајот на мај започна со реализирање на пилот-проектот за енергетска ефикасност и за промоција на обновливите видови енергија во тетовската општина Јегуновце.
Тргнувајќи од досега стекнатите позитивни искуства, членовите на оваа организација ќе работат на подобрување на условите во три централни основни училишта – „Александар Здравковски” во Јегуновце, „Шемшево” во селото Шемшево и во училиштето „Симче Настовски” во Вратница. При планираното реновирање, во нив, како и во Интернатот за децата со посебни потреби во Вратница и во градинката во Јегуновце со силиконски ленти ќе се изолираат прозорците во училниците и канцелариите, ќе се менуваат искршените стакла и батериите за вода.
Во Интернатот ќе биде поставен и сончев систем со површина од 10 метри квадратни, а пак во градинката во Јегуновце постоечкото греење на струја ќе биде земенето со греење на гас, со две гасни печки. Градинката пред којашто стои впечатливо гнездо на штркови ќе добие и сончев систем од 4 метри квадратни. Во сите пет објекти е планирано да бидат инсталирани и енергетско-ефикасни уреди (енергетско-ефикасни сијалици, рефлектори со сензор на објектите, како и федери за затворање на вратите). Општината Јегуновце ќе добие и 100 енергетски ефикасни сијалици коишто ќе бидат поставени на канделабри за улично осветлување, како и 5 фоторелеи за приклучување на уличното осветлување.
Во исто време треба да бидат обучени и по 10 волонтери за работа на секој од објектите за примена на техниките на енергетска ефикасност и за изработка на сончевите системи. Практичната обука започнува со почетокот на јуни, а ние, на крајот на мај, имавме можност да ги видиме теоретските презентации.
„Насоката на енергетското развивање на Македонија има големо влијание врз националниот економски раст, заштитата на околината и околностите во коишто живеат граѓаните. Користењето на фосилните горива, пред се во енергетскиот и во транспортниот сектор, предизвикува се поголемо загадување на атмосферата со стакленичките гасови. Од друга страна, за многу домаќинства во Македонија месечните трошоци за енергија претставуваат највисока ставка во семејниот буџет, по ставката за храна. Во земјава постои и недоволна едуцираност на населението за заштеда на енергија. Општините во Македонија повеќе нема да можат да сметаат дека државните министерства ќе им ги плаќаат локалните трошоци и сега имаат нова и скапа одговорност да управуваат со сопствената потрошувачка на енергија.
Македонија има ограничени извори на комерцијални енергетски ресурси и во иднина се повеќе ќе биде зависна од увоз на енергија. Преземањето мерки за енергетска ефикасност може да го намали загадувањето на животната средина и да ја ублажи оваа зависност, да го продолжи траењето на домашните ресусри и да ја одложи потребата за инвестирање во нова енергетска инфраструктура којашто би користела фосилни горива” – потенцираат во Проактива, кои поттикнати од актуелната состојба во земјата, по посетата на неколку општини, се одлучиле за соработка со целосно руралната општина Јегуновце, која се состои од 17 населени места, со околу 10.800 жители, од кои 53% се Македонци, 43% Албанци, 2% се Срби, а 2% отпаѓаат на други ентитети.
Пред заинтересираните жители од општината, нејзини претставници, претставници на училиштето „Александар Здравковски”, на советот на родителите, членовите на Проактива ги презентираа начините на нивната работа, обуката којашто ќе ја спроведуваат со заинтересираните, но и можноста којашто им се нуди на жителите, здобиените знаења да ги искористат во отворање мали бизниси за изолација на станбените и јавните објекти и на поставување сончеви системи. Силиконските ленти коишто се користат за изолација и се сметаат за многу ефикасни и еколошко подобни се произведуваат во Медицинска пластика во Тетово. Од таму веќе ги набавуваат и дел од членовите на еколошкото друштво Гринпауер од Велес, кои по добиената обука од страна на Проактива, отвориле приватна фирма и комерцијално работат на изолација на објекти.
А, се започнува во 2002 година, со меѓународниот проект „Интернационални енергетски бригади”, каде како единствена граѓанска организација учествува и Проактива, заедно со бригадири од Чешка, од Хрватска, од Русија, од Романија, од Украина, од Унгарија, од Бугарија и од Босна и Херцеговина. Обуката ја спроведувале членовите на еколошкото друштво „Енергоклуб” од Романија.
Сознанијата, пак, за можностите коишто ги нудат и за изработка на сончевите панели, членовите на Проактива ги стекнале при реализација на зедничкиот проект „Балканските млади за обновлива енергија”, на којшто работеле заедно со организациите „Пријатели на земјата” од Галац, Романија и „Морис” од Карлово, Бугарија. Следувал и зеднички проект со организации од Хрватска и од Норвешка, при што на хрватскиот остров Шолта била одржана обука и е направен пробен мал сончев систем.
„Пилот-проектот во Јегуновце треба да покаже во кој правец понатаму ќе се реализираат ваквите проекти и во другите општини во земјава. Во него се содржани сите обуки за заштеда на енергијата и добиените резултати ќе бидат мерливи во однос на заштедената електрична и топлотна енергија. Целта на проектот е да се постигне очекуваната заштеда од 18 до 20 % енергија на годишно ниво, што за училиштата ќе значи многу, со оглед дека со децентрализацијата на власта нивното финансирање зависи од општините” – вели Владимир Карчицки, претседател на Проактива. Проект менаџерот Јован Драгановски, напоменува дека при реализација на проектите се појавуваат проблеми со очекуваното волонтерско учество.
„Во основните училишта и градинките во Скопје каде правевме изолација постоеше незинтересираност на волонтерите да дојдат и да помогнат, иако претходно за тоа и се согласија” – вели тој.
Голем проблем за сериозното разбирање на потребата од енергетска ефикасност во земјава, според Илија Саздовски, технички менаџер во проектот е ниската цена на електричната енергија, поради што голем број од граѓаните не размислуваат за нејзина заштеда.
„Во Грција, на пример, има огромен број сончеви колектори, но дали ги има и во Охрид, во Дојран, во Преспа? Ние сме земја со многу добри услови за користење на сончевата енергија, но се уште не правиме ништо значајно за нејзиното искористување” – вели Саздовски.
Директорот на Централното основно училиште „Александар Здарвковски”, Костадин Тушев, во оваа прилика напомена дека е задоволен што во училиштето ќе се подобрат условите за работа. Тоа се загрева на парно-греење, но постои голем проблем со изолацијата на вратите и прозорците. Во ова училиште, кое е изградено во 1960 година, прозорците се стари, дел се искршени, а на некои места останале само единечни прозорци. Слична е состојбата и со другите училишта и со Интернатот во којшто престојуваат деца со посебни потреби.
(Граѓански свет, 31.05.2007)
JЕГУНОВЦЕ – ПРОАКТИВА
Проект за енергетска ефикасност
Преку замена на стакла, изолација на прозорци, поставување на енергетски штедливи сијалици во три училишта во општина Јегуновце и со поставување на соларни системи за добивање топла вода во објектите на градинката и на интернатот, се очекува да се постигне задоволителна енергетска ефикасност. Со проектот „Енергетски ефикасна општина – Јегуновце“, што го спроведе невладината организација „Проaктива“ во изминатава година, се очекува да се постигнат 20 проценти пониски сметки за струја и да се намалат трошоците за греење на девет објекти во општината.
Со проектот, се опфатени основните училишта во Шемшево, Вратница и Јегуновце, градинката во Јегуновце и Интернатот за деца со посебни потреби во Вратница. Во проектот е вклучено и уличното осветлување, а треба да придонесе и кон заштита на животната средина.
(Вечер, 16.04.2007)