Select Page

Невладината организација „Проактива“ од Скопје исто така е активна на полето на заштита на животната средина, посебно во промоција на обновливите енергии и енергетската ефикасност, одржливиот транспорт и промоцијата на одржливиот развој за ублажување на климатските промени.
Некои од проектите на „Проактива“ за климатските промени реализирани во изминатите години се следниве:
− Општина за енергетска ефикасност – реализирана од општините Јегуновце и Шуто Оризари. Главната активност на проектот на намалување на емисијата на јаглерод диоксид од јавните објекти се одвиваше преку следниве активности: три практични и три теоретски предавања за енергетска ефикасност, две практични и две теоретски предавања за обновливи енергии, инсталација на два соларни система засновани на принципот „направи сам“, охрабрување на мерките за енергетска ефикасност во јавните објекти;
− Практична примена на Велосипедскиот главен план за град Скопје, фокусиран на: подготовка на „физибилити“ студија за велосипедизмот во соработка со Одделението за сообраќај на градот Скопје, осигурување на координацијата меѓу релевантните субјекти коишто ја поддржуваат повторната примена на принципите на добро управување со транспортот, означување на велосипедски патеки и прилагодување/конструкција на патеките и нивна подготовка, печатење и диструбуција на материјали за подигање на јавната свест (заедно со градот Скопје, Програмата за мали грантови на ГЕФ, деловниот сектор и другите локални невладини организации). Со проектот се поттикнува користење на велосипедизмот наместо превозот со автомобили, со што значајно би се намалило загадувањето во градската средина.

(Втор нацинален план за климатски промени; Министерство за животна средина и просторно планирање, 2008)


„Заедно за климата“ – Македонија да биде лидер во борбата против климатските промени

Македонија да биде лидер во регионот во борбата против климатските промени е целта на првата македонска мрежа на невладини организации за борба против климатските промени „Заедно за климата“.
Според Искра Стојковска, член на НВО „Фронт 21/24“,  мисијата на мрежата е да го поддржи и зајакне граѓанскиот сектор, за прашањата поврзани со климатските промени.
– Во следните 20 години Македонија да има најниска емисија на стакленички гасови по глава на жител, непречено обезбедувајќи социјален и економски развој на државата, истакна Стојковска на денешната прес-конференција.
Таа посочи дека Македонија е една од земјите со највисоки емисии на стакленички гасови по глава на жител, што укажува дека има голем потенцијал за намалување преку инвестиции како во енергетскиот сектор, така и во домаќинствата.
Јован Драгановски од „Проактива“ ги пренесе искуствата од Конференцијата на Обединетите нации за климатските промени на која присуствуваше и министерот за животна средина и просторно планирање Неџати Јакупи. Драгановски, меѓу другото, го издвои потпишувањето на договорот за финансиска поддршка на Македонија од страна на Италија во висина од 300.000 евра, потпишан од министерот Јакупи и неговиот италијански колега. 
Првата македонска мрежа на невладини организации за борба против климатските промени е формирана со здружување на неколку невладини организации меѓу кои „Фронт 21/24“, „Проактива“, „Екосвест“, „Експериза и едукација“, „Центар за развој на култура и животна средина“, „Зелената Арка“ и „Грин Пауер“, а нејзин почесен член е поранешниот директор на Friends of the Earth, Тони Џунипер. Мрежата се финансира од донации, грантови и доброволни прилози.

(МИА, 19.12.2008)


ПРОЕКТ НА ПРОАКТИВА И СЛОВЕНЕЧКАТА АМБАСАДА

Штедењето се учи од мали нозe

Со игра и цртежи околу 300 четвртоодделенци од неколку скопски училишта и нивните наставници, ќе учат како да ги штедат електричната енергија и водата, со што ќе дадат свој придонес за заштита на животната средина и за ублажување на климатските промени. Ова е едукативниот дел од кампањата “Одржлива енергија за одржлив развој”, којашто ја реализира Здружението на граѓани Проактива” во соработка со Амбасадата на Република Словенија во Македонија. На вчерашната промоција, проект-координаторот Јован Драгановски информираше дека минатиот месец била изведена термоизолација на прозорците во ОУ “Браќа Рамиз и Хамид” во Шуто Оризари, што е во рамките на предвидениот практичен дел од проектот.
– Штедењето на енергијата и енергетската ефикасност се учи уште од мали нозе со конкретни примери и потсетници. За таа цел изработивме прирачници за наставниците, а постери, флаери како и боенки, блокчиња и боички наменети за децата на оваа возраст. Предавањата ќе ги одржуваме на блок-часовите по ликовно образование и тие нема да бидат класични туку интересни, забавни и интерактивни. Во првиот дел од часот, преку практични примери ќе им ја објасниме важноста за рационално користење на енергијата што ја користиме во домот. Ги избравме учениците од четврто одделение бидејќи се на возраст кога најбрзо учат -информираше Драгановски. Во прирачниците се наведени примери дека е многу важно да се исклучи струјата ако не си во собата, апаратите за домаќинство да се исклучуваат од штекер бидејќи и додека се на “стенд бај” трошат енергија, да се користат штедливи светилки, водата од чешмите да тече само колку што е потребно… како и информации за користење на одржливите извори на енергија: користење на сончева, ветрова, водена и геотермална вода.
Претставникот од словенечката амбасада Слободан Шешум потенцираше дека соработката меѓу Словенија и Македонија на полето на заштитатата на животната средина е традиционална, а круна на таа соработка ќе биде и инвестицијата на една словенечка компанија која што наскоро ќе почне со изградба на електрани на ветар во Крушево.

(Вечер, 09.10.2008)


ЗАПОЧНА ОБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА НОВАТА ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА

Целта е да се поттикне употреба на велосипеди
Започна обележувањето на велосипедската патека, која се протега од Транспортниот центар, по булеварот „Кузман Јосифовски – Питу“ и преку плоштадот „Македонија“ ќе завршува кај објектот на „Македонска пошта“ на булеварот „Партизански одреди“. Градот Скопје, Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и Здружението на граѓани „Проактива“, вчера потпишаа Меморандум за разбирање, со кој се потврдува заедничкото учество во спроведувањето на „Основниот план за употреба на велосипеди во Скопје“, а посебно за изградба на велосипедска патека низ централното градско подрачје. Патеката е долга 1.880 метри, широка 2,5 метри на двонасочните делници, односно 1,5 метар на еднонасочните, како на булеварот пред банките. Патеката ќе има семафори, ќе биде со обележани премини и опремена со хоризонтална и вертикална сигнализација, како патоказни табли, знаци со велосипеди и со насоки на движење. За довршување на патеката се потребни 300 илјади денари.
„Идејата е Скопје да го доближиме до европските градови, каде што возењето велосипед е секојдневна појава и навика кај луѓето“, рече градоначалникот на Скопје, Трифун Костовски.
Основната цел е поттикнувње и промовирање на употребата на велосипеди, со што би се намалиле гасовите од јавниот транспорт во Скопје.
„На овој начин сакаме граѓаните да го користат велосипедот како превозно средство, а не само за рекреација“, рече Владимир Карчицки од „Проактива“. Здружението доби финансиска помош од британската амбасада која донираше велосипеди за најмување. Велосипеди ќе може да се најмуваат на плоштадот, кај хотелот „Холидеј ин“, на помалите автобуски постојки и кај Железничка станица.

(Утрински весник, 28.05.2008)


Одржана средба помеѓу граѓанските здруженија и Парламентарната Зелена Лоби Група

На 26 февруари 2008 година во Клубот на пратеници во Скопје се одржа еднодневна работилница организирана од Македонскиот Зелен Центар во рамките на проектот „Формирање на Парламентарна зелена лоби група“ финансиран од Британската амбасада во Македонија. Тема на работилницата беше “Воспоставување на механизам за подобра соработка помеѓу здруженијата на граѓани, членовите на Парламентот и државните институции во областа на животната средина и одржливиот развој”.
 На работилницата беа присутни околу 20 претставници од граѓанскиот сектор кои работат на поле на заштита на животната средина и одржливиот развој, заменик Министерката за животна средина и просторно планирање, 15 пратеници – членови на Парламентарната зелена лоби група, медиуми и претставник од Британската Амбасада во Македонија.
На почетокот на работилницата беше претставен модел како граѓаните и здруженијата на граѓани полесно да соработуваат и да ги искажуваат проблемите и сугестиите за решавање на проблемите и прашањата поврзани со животната средина пред пратениците од Парламентарната зелена лоби група.
На работилницата беа презентирани и 10 презентации од страна на граѓанските здруженија пред членовите на Парламентарната зелена лоби група и претставниците од Министерството. Со презентациите беа опфатени неколку национални и локални проблеми поврзани со заштитата на животната средина и одржливиот развој:

  • Состојбата со приближувањето на македонското законодавство за животна средина со законодавството на ЕУ (Македонски зелен центар – Марија Јанковска);
  • ГМО (Еко-Свест – Андријана Славковска);
  • Транспортот – еден од главните предизвикувачи на климатските промени (Проактива – Владимир Карчицки);
  • Изработка и имплементација на EIA студиите и осврт на постапката за Коридор 8, делница Демир Капија-Смоквица (Македонско Еколошко Друштво – Проф. Д-р. Љупчо Меловски)
  • Изградба на 400 мали хидроцентрали (Македонско Еколошко Друштво – Славчо Христовски);
  • Заштита на биволите како загрозен вид (Биосфера – Нешад Аземовски);
  • Парк шума Гази баба (Здружение на граѓани од населба железара – Марјан Калимановски);
  • Ниска еколошка свест (ОРТ – Билјана Стевановска);
  • Неадекватно управување со отпад (Планетум – Славе Георгиев)

Пред насобраниот аудиториум свое излагање околу целите и досегашните активности имаше и претставник од иницијативата Ден на дрвото која треба да се реализира на 12 март 2008 година (среда).
Парламентарците од Парламентарната зелена лоби група ја искажаа својата подготвеност за соработка со граѓанските здруженија по прашањата за животната средина. Беше исто така истакнато од страна на претставниците на граѓанските здруженија дека ова е прв ваков настан во скоро 20-годишното постоење на граѓанскиот сектор во Македонија и тие ја искористија приликата да го искажат своето огромно задоволство поради тоа.
Како заклучок од средбата излезе дека оваа соработка мора да продолжи понатаму, но дека во целата работа мора да бидат вклучени поактивно и медиумите, во смисла на поголема застапеност на темите за животна средина во медиумите, како и поголема едукација на новинарите во областа на животнаат средина..

(Македонски зелен центар, 26.02.2008)


„ПРОАКТИВА“ И ГРАДОТ ЌЕ ПРОМОВИРААТ ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Ќе се гради велосипедска патека во центарот
Патеката ќе биде долга речиси два километра, ќе се движи по тротоарите и по кејот, а ќе ги поврзува Железничката станица, плоштадот и булеварот Партизански одреди
Велосипедистите во градот ќе добијат патека на булеварот Кузман Јосифовски-Питу, која преку плоштадот Македонија, ќе се поврзе со булеварот Партизански одреди. Раководителот на Секторот за сообраќај во Градот, Јован Христовски, вели дека се привршува проектната документација, а ако се’ биде во ред, по распишувањето на конкурсот за изведувач, изградбата би завршила до први јуни.Велосипедската патека ќе почнува кај Железничката станица, ќе минува пред комплексот банки и плоштадот Македонија и ќе завршува кај објектот на Македонски пошти на булеварот Партизански одреди. Ќе се движи по тротоарите и по Кејот на Вардар. Патеката ќе биде долга 1.880 метри, а широка 2,5 метри на двонасочните делници, односно 1,5 метар на еднонасочните, како на булеварот пред банките. Патеката ќе има семафори, ќе биде со обележани премини и опремена со потребната хоризонтална и вертикална сигнализација, како патоказни табли, знаци со велосипеди и со насоки на движење.На околу шест места ќе може да се изнајмуваат велосипеди. Две се предвидени на Градскиот плоштад, а другите се кај хотелот „Холидеј ин“, на помалите автобуски постојки и кај Железничка станица. За изнајмувањето на велосипедите ќе биде задолжена невладината организација „Екосвест“, а проектот ќе го спроведат НВО „Проактива“, Градот Скопје и Министерството за животна средина.
– Се одлучивме за оваа делница бидејќи на тој начин ќе ја поврземе источната со западната страна на градот. Во централното подрачје не постојат никакви обележани велосипедски патеки, од источната страна ги има во Ново Лисиче, а од западната во Ѓорче Петров. На тој начин тие ќе се спојат – објаснува Владимир Карчицки од „Проактива“. Оваа патека е првиот чекор во спроведувањето на основниот план за употреба на велосипеди, кој Градот го донесе во 2004 година. Таа е одредена како приоритетна делница од предвидените пет. Дел од проектот ќе финансира британската амбасада, која ќе издвои 26.000 фунти и од Програмата за мали донации на Глобалниот еколошки фонд. Во изградбата ќе се вклучи и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата. По изградбата на оваа патека ќе се градат и други, и тоа на места каде што воопшто ги нема. Ќе се обновуваат и постојните патеки, кои сега се неупотребливи затоа што на нив се поставени контејнери, трафики или бандери, а возачите редовно ги користат како паркинг-простор.
– Во Скопје има 48,5 километри велосипедски патеки, но тие се неупотребливи затоа што не се обележани и не се користат соодветно. Овој проект е практичен пример за промоција на алтернативниот транспорт наспроти возилата на фосилни горива. Гледано долгорочно, промоцијата на употребата на велосипеди поволно ќе влијае врз животната средина, а ќе ги подобри социјалните, здравствените, економските и животните услови во Скопје – велат во „Проактива“ и додаваат дека Скопје е идеално место за велосипеди.

(Дневник, 25.02.2008)


ГАЗИ БАБА
Климатските промени на постер

Основци од неколку училишта во Општина Гази Баба се едуцираат за климатските промени. Во таа насока, Здружението на граѓани Проактива од Скопје во соработка со општина Гази Баба го спроведува проектот “Едукација на младите за климатските промени”. Учениците на часовите по ликовно разработуваа теми што произлегуваат од проектот, а за таа цел ЗГ Проактива на 255 ученици им донираше блокови, четки и темперни бои.
Од Општина Гази Баба информираат дека биле дистрибуирани и едукативни постери за енергетска ефикасност, обновливи и необновливи енергетски извори и климатски промени, а на учениците им биле поделени флаери со кратки совети за енергетска ефикасност и заштеда на енергија.
– Проектот е финансиран од Европската Комисија, а едукативните материјали се добиени од мрежата ARGEE.NET и СПАРЕ програмата и се прилагодени на наставните содржини во Македонија, велат од Гази Баба.

(Вечер, 12.02.2008)


Шанса за домашните производители?

Во Скопје секојдневно сообраќаат околу 280 автобуси. Само 30 од нив, како гориво користат 60 проценти природен гас и 40 проценти дизел, но нивниот број не е доволен, вели Владимир Карчицки од „Проактива“, здружение на граѓани кое работи на одржлив транспорт и во 2003 ги промовираше првите автобуси кои работат на природен гас:
„Ваквите хибридни автобуси, емитуваат три пати помалку штетни гасови, односно 5,3 тони во текот на една година. Тие автобуси се постојните, во нив се поставија системи. Но, тоа не е доволно, бидејќи секојдневно од претпријатието сообраќаат околу 280 автобуси.“
Според истражувањето на ова здружение во текот на 250 дена работа по 14 часа, еден автобус кој користи дизел емитува 15,5 тони загадувачки материи како јаглерод диоксид. Во текот на зимските месеци, кога надлежните институции повторно предупредија дека популацијата вдишува загаден воздух кој меѓу другото го предизвикуваат штетните испрарувања од сообраќајот, владата најави дека намени 4,4 милиони евра помош за ЈСП Скопје, за да се купат нови автобуси за градскиот превоз. Професорот Миле Димитриевски од Машинскиот факултет во Скопје вели дека во глобалната економија, кој ќе понуди еднакво вреден производ кој има пониска цена, а еднаков квалитет станува размноправен учесник на пазарот:
„Во Македонија има неколку производители на автобуси, од кои, едни произведуваат по 2, едни по 5, едни по 30 или 50. Можеби можат за некоја држава надвор од европскиот систем да испорачаат сто или 800, како што порано работеа. Но, според стандарди што ќе ги пропише државата купувач. Ние сме потписници на европскиот договор потпишан во ОН во којшто кажуваме дека во оваа држава ќе се применуваат најстрогите прописи за производство, и увоз.“
Дилемата е дали владата ќе набавува нови возила од нив или според законот за јавни набавки, согласно кој изборот се врши по системот на бодување на цената и квалитетот на производот што се нуди. Не може да се потврди кој од домашните производители може да произведат автобус со еколошки параметри, зашто тие регистрираат поединечно производство, по нарачка, а не како стандарден производ, вели Данчо Пендевски од Бирото за метрологија:
„Тие регистрираат поединечно производство. Колку ќе платите тие ќе купат елементи кои учествуваат во производството и ќе ги вградат“
„Сентиментално ако ме прашувате мене секогаш сум врзан за домашната економија, за домашни ресурси, се дотогаш додека ги исполнува стандардите во тендерот. Кога домашната економија нема да ги исполни европските стандарди, тогаш таа е неконкурентна, не само кај нас, туку никаде“, додава професорот Димитриевски.Во Македонија има неколку производители на автобуси, но немаме сериско производство.

(Слободна Европа, 07.01.2008)