Коалиција Македонски зелен центар
По македонската независниот во 1991, беше евидентно дека ниту една од политичките партии немаше вистинска зелена агенда во својата изборна кампања. Во 2004, во земјата се одржуваа локални избори, први во децентрализиран систем, во кој градоначалниците преземаа поголеми одговорности, ресурси и права за управување на локалните работи. Конкурентните мандати на политичките партии повеќе се фокусираа на урбанизам, транспорт, даноци и образование, отколку на управување со отпад, снабдување со вода и загадување на воздухот, сите прашања од урбаната животна средина кои притискаат. Набљудувајќи го овој недостаток, еколошки граѓански организации од целата земја, ја формираа коалицијата Македонски зелен центар. Организациите членки ги вклучуваа Екосвест, Проактива, Еконет (сите од Скопје), Зелен центар Струга, Биосфера Битола, Зелена моќ Велес, Планетум Струмица и Злетовица од Пробиштип. Пред локалните избори тие ја започнаа нивната кампања “Гласај за животната средина”. Активностите се спроведуваа на координиран начин од членовите на коалицијата во нивните градови. Некои од нив беа:
- Изработка и дистрибуција на промотивен материјал за јавноста (разгледници со клучни еколошки прашања, постери, налепници, банери);
- Неколку конференции за печатот;
- Повеќекратно појавување на собирите на политичките партии со банери, испраќајќи јасна порака за вклучување на зелената агенда во програмите на политичките партии;
- Дијалог со кандидатите за градоначалници во Скопје, Велес и Струмица за клучните еколошки прашања.
Кампањата беше успешна затоа што преку овие активности политичките партии – градоначалниците особено започнаа да расправаат за еколошки прашања, а некои дури започнаа и да имплементираат еколошки проекти. Во текот на парламентарните избори во 2006 год. коалицијата ја повтори истата тактика, фокусирајќи се на заштитата на Охридското езеро; енергија; управување со отпад; приближување на македонското законодавство до еколошките стандарди на ЕУ. Во текот на нивната кампања, организациите кои учествуваа се сретнаа со претставници на сите политички партии во Македонија и се залагаа за јавно учество во креирањето на политиката за животната средина.
(ГО и учество на граѓаните, 2011)
Четврток – ден без автомобили
Како дел од активностите по повод меѓународниот ден без автомобили, во четврток од 9 до 18 часот ќе биде забранет сообраќајот во центарот на градот од собранието на Република Македонија до трговскиот центар Палома Бјанка за сите возила, освен за јавниот превоз. Во тој период, во централната градска зона ќе бидат ооставени маси и столчиња на коловозот, на кои оние што ќе седнат да се одморат ќе бидат услужувани од околните кафетерии, учениците од основните училишта пред собранието ќе си направат пикник, а е планирано и дефиле на пешаци и велосипедисти од градскиот парк до плоштадот Македонија. Градот Скопје ги повикува граѓаните да се приклучат кон огромното семејство европски градови и нивните жители и да ја покажат својата подготвеност да ги заменат своите автомобили со автобусите на јавниот превоз, да пешачат или да користат велосипед, со што ќе дадат свој придонес кон зачувувањето на животната средина и здравјето на целата заедница. За таа цел, невладината организација Проактива ќе подели 1.000 наградни купони на возачите на моторни возила за бесплатен превоз во јавниот градски сообраќај во четврток, кои истовремено претставуваат и наградни купони.
(Автоплус, 21.09.2011)
Штеди – Вклучи го мозокот, исклучи ја струјата
Во рамките на кампањата „Штеди – Вклучи го мозокот, исклучи ја струјата“, во салата на Општина Берово се одржа Трибина за енергетска ефикасност која е една од дваесетте трибини кои се одржуваат во 20 општини во Република Македонија, покрај кои се одржуваат и 30 предавања за заштеда на електрична енергија во основни училишта меѓу кои вакво предавање се одржа и во ООУ „Дедо Иљо Малешевски“.
Целта на трибината е пред се да се информираат, но и да се подигне свеста на граѓаните за начините на штедење енергија, да се слушнат мислењата на претставниците од бизнис секторот и едукативно да се делува врз најмладата популација.
Имплементацијата на овој кампања е овозможена преку соработката на Министерството за Економија, МЕПСО и ЕЛЕМ кои се и организатори на трибините, преку невладината организација Проактива која ги одржува трибините и предавањата.
На трибината одржана во Берово воведниот збор го имаше градоначалникот на Општина Берово кој се заблагодари на можноста за одржување на трибина со ваква тема во Берово со што би се дошло до значајни сознанија за можностите и начините со кои би се допринело во заштитата на енергија.
Јован Драгановски од навладината организација Проактива во својата презентација ги потенцираше моменталните состојби во Македонија во однос на енергетската ефикасност, изворите на енергија, трендовите во светот и можностите во Македонија за искористување на обновливите извори на енергија како и начините и можности за заштеда на електрична енергија.
Генералниот директор на Електрани на Македонија Влатко Чинговски истакна дека преку вложувањето во заштеда на електрична енергија ние вложуваме во заштита на животната средина како и во зачувувањето на природните ресурси како што е јагленот во Македонија, кој се користи во термоелектраните кои произведуваат најголем дел од електричната енергија во Македонија.
(Општина Берово, 18.05.2011)
Како до енергетска ефикасност?
Енергетската ефикасност и гасификацијата може да ја намалат зависноста на Македонија од зголемувањето на цените на нафтата и на струјата.
Забрзување на гасификацијата и енергетската ефикасност, се главни работи кои може да ја намалат зависноста на Македонија од увозот на енергенси и од зголемувањето на цените на нафтата.
Професор Константин Димитров од Македонскиот центар за енергетска ефикасност вели Македонија троши многу пари за увоз на енергенси. Тој посочува дека, според стратегијата за енергетика и според стратегијата за енергетска ефикасност, токму енергетската ефикасност и гасификацијата се посочени како приоритети. Со мерките за енергетска ефикасност се намалува потрошувачката на енергија, а се добива истиот ефект, вели:
– Имаме транспортни системи што треба да се градат во Македонија, а треба да се прават и дистрибутивните системи по градовите каде што веќе е дојдена, Куманово, Скопје итн. Ние имаме десет години гас во Скопје, но домаќинствата го немаат.
„Трошите помалку енергија, увезувате помалку енергија, индустријата троши помалку енергија со што станува поконкурентна на странскиот пазар.“
Професор Константин Димитров вели дека во намалување на увозот на нафта, голема улога може да одигра и гасификацијата.
„Имаме транспортни системи што треба да се градат во Македонија, а треба да се прават и дистрибутивните системи по градовите каде што веќе е дојдена, Куманово, Скопје итн. Ние имаме десет години гас во Скопје, но домаќинствата го немаат.“
Што може да направат граѓаните?
Јован Драгановски од невладината организација Проактива вели дека замената на старите врати и прозори со нови, ставањето изолација, употреба на штедливи светилки и поставувањето сончеви колектори, се наједноставните работи што може да ги направат граѓаните за заштеда на енергијата.
Еден од нашите најголеми совети е да се користат токму тие сончеви колектори за добивање на топла санитарна вода, можат исто така да се користат и за добивање на електрична енергија.
„Еден од нашите најголеми совети е да се користат токму тие сончеви колектори за добивање на топла санитарна вода, можат исто така да се користат и за добивање на електрична енергија што значи да се одвоиме од мрежата односно да не се користат централите туку секој да си има свои приватен извор на електрична енергија.“
Истражувањето на Центарот за енергетска ефикасност покажуваат дека граѓаните сакаат да ја користат сончевата енергија за добивање топла вода, но немаат пари да инсталираат колектори, што чинат од 500 до 1000 евра. Според истражувањето, над 80 проценти од граѓаните се заинтересирани да постават сончев колектор, но само 5 проценти го имаат инсталирано на својот покрив.
Во Министерството за економија велат дека ги враќаат субвенциите од 300 евра за граѓаните што сакаат да постават сончев колектор. Портпаролката на Министерството, Селвет Барути потсетува дека во 2009 година, во иста ваква акција, субвенции добија околу 500 домаќинства.
„За 2011 година се предвидени шест милиони денари со кои треба да се опфатат над 300 семејства. Значи во моментов се работи на условите на јавниот оглас според кој нема да може конкурираат лица кои претходно добиле субвенции по оваа основа.“
Таа вели дека парите ќе ги добијат тие што први ќе поднесат апликација и ќе ги исполнуваат условите.
Британската влада деновиве соопшти дека подготвува план за откажување од сегашната зависност од нафтата и за нејзина замена со други извори на енергија, откако поради кризата во Либија пораснаа цените на нафтата на светските берзи.
„Земјата не може да остане целосно зависна од нафтата и од честите непредвидливи движења на нејзината цена, кога таа може да се замени со чисти, зелени и енергетски извори со ниско ниво на јаглерод диоксид“, рече британскиот министер за енергетика Крис Хјун за неделникот „Обсервер“.
Како значаен дел на новата британска стратегија се нуклеарните централи и изградбата на таканаречени „зелени живеалишта“ за луѓето, што се промовираат како домови ослободени од зависноста од нафта и што практично не ја загадуваат човековата околина.
(Слободна Европа, 07.03.2011)
ГРАДИНКАТА „КОРЧАГИН“ СО НОВИ ПРОЗОРЦИ
Општина Центар и Здружението на граѓани „Проактива“ во изминатите два месеца го спроведуваа проектот „Енергетски ефикасна општина“ во градинката „Раде Јовчевски-Корчагин“ и притоа беше извршена замена на старите со нови ПВЦ-прозорци и врати, како и на столаријата во кабинетите. Исто така, беа заменети и старите волфрамови сијалици со енергетски ефикасни модели и во просториите на објектот и на надворешниот дел од градинката. Како главна цел на проектот е преземањето енергетско-ефикасни мерки за намалување на загадувањето на животната средина, особено од стакленични гасови, но и превенција на емисијата на јаглероден диоксид и намалување на трошоците за енергенси од јавните објекти. Со проектот, кој започна во јуни 2010, а завршува во мај годинава, ќе се реализира и теоретска и практична обука на локалното население за енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија.
(Утрински весник, 18.02.2011)