Select Page

Доделени шест грантови на осум граѓански организации во рамки на проектот “Зајакнати граѓански организации за партиципативно транспонирање и спроведување на ЕУ 2020 пакетот за енергија и клима”

Во рамките на проектот “Зајакнати граѓански организации за партиципативно транспонирање и спроведување на ЕУ 2020 пакетот за енергија и клима”  финансиран од Европската Унија,  а спроведуван од  Милиеуконтакт Македонија, Еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42 и Институтот за обука КОЦКА, на 23 декември, 2016 година, во просториите на Милиеуконтакт Македонија, беа склучени договори со избраните организации, субгрантисти, поврзано со објавениот повик за доделување на грантови, со референтен број:  IPA/CEEU2020-01, објавен на 7 октомври, 2016 година.
Овој повик претставува завршна фаза и комплетирање на процесот на надградбата на капацитетите на граѓанските организации за:

  • Принципите на ЕУ 2020 пакетот за енергија и клима;
  • Практични аспекти на постапките за ОВЖС и СОЖС;
  • Вештини за вмрежување, стратегии за комуникација и методологии и
  • Техники за застапување: стратегија, тактики и алатки, план за застапување

Целта на повикот е трансфер и мултиплицирање на ефектите од стекнатото знаење и подобрување на владеењето во областа на животната средина во Република Македонија преку создавање услови за активно учество на граѓанските организации во процесите на донесување одлуки поврзани со ЕУ2020 пакетот за клима и енергија и процедурите за ОВЖС и СОЖС.
Организации кои беа избрани за суб-грантирање се:

  • Здружение на граѓани ЦеПроСАРД – Скопје
  • Извиднички одред КРСТЕ ЈОН – Струга во партнерство со Натура – Струга
  • Здружение за развој, едукација и еколошка етика – ПОЛИМАТ 13 Богданци
  • Здружение за одржлив развој и заштита на животната средина ГОУ ГРИН – Скопје
  • РЕГИОНАЛЕН ЦЕНТАР ЗА ЗАСТАПУВАЊЕ – Делчево во партнерство со Здружение – Центар за лековити билки и бобинки АМБРОЗИЈА – Пехчево
  • Здружение на граѓани ПРОАКТИВА – Скопје

(Милиеуконтакт, 23.12.2016)


Четврта заедничка обука за граѓански организации во рамки на проектот: Зајакнати граѓански организации за партиципативно транспонирање и спроведување на ЕУ 2020 пакетот за енергија и клима

Изминатиов викенд (од 04 до 06 Ноември) во хотелот Александар Палас во Скопје се одржа четвртата заедничка обука за граѓански организации на тема „Вештини за застапување и лобирање“.
Преставници на 10-те граѓански организации вклучени во проектот „ Зајакнати граѓански организации за партиципативно транспонирање и спроведување на ЕУ 2020 пакетот за енергија и клима спроведуван од Милиеуконтакт Македонија (како носечки партнер) заедно со тренинг институтот Коцка и Фронт 21/42 под менторство на предавачите Александра Бујароска и Жарко Конески имаа можност да се запознаат со основните, но и напредните вештини кои се потребни при процесите за застапување и лобирање на граѓанските организации во однос на одредени проблематики поврзани со животната средина.
Учесниците најмногу преку интерактивни вежби имаа можност и да го применат наученото, да посредуваат, метод на случај и задача.
Обуката како дел од компонентата на проектот за јакнење на капацитетите беше наменета за претставниците на десетте организации кои работат на полето на животната средина.
Статусот на реализација на активностите за јакнење на капацитетите на здруженијата на граѓани и идни планирани активности беа презентирани од страна на координаторот на компонентата за јакнење на капацитети во рамки на овој проект.
Развојот на обуката за техниките и стратегиите за лобирање беше поделен во два дела: основен и напреден дел во рамките на обуката. Вовед во основните поими на застапување и лобирање, презентација на aдаптиран случај и конкретна практична задача, презентации на идеи за застапување и техники и лобирање за презентираниот конкретен случај, собирање на информации и податоци, истражување и утврдување на цел на застапувањето, насоки и совети
беа сегментите кои клучно би можеле да ја опишат оваа четврта и последна заедничка обука за организациите во рамките на проектот: Зајакнати граѓански организации за партиципативно транспонирање и спроведување на ЕУ 2020 пакетот за енергија и клима.

(Милиеуконтакт, 06.11.2016)


Втората заедничка обука на тема: „Практични аспекти на постапките за Оценка на влијанието на проектот врз животната средина и Стратегиска оценка на влијание врз животната средина и ЕУ2020 пакетот за клима и енергија“

Во рамките на проектот: Зајакнати граѓански организации за партиципативно транспонирање и спроведување на ЕУ 2020 пакетот за енергија и клима спроведуван од Милиеуконтакт Македонија (како носечки партнер) заедно со тренинг институтот Коцка и Фронт 21/42 изминативе три дена (19-21 Септември) во хотелот Алпина во Маврово се одржа Втората заедничка обука на тема: „Практични аспекти на постапките за Оценка на влијанието на проектот врз животната средина и Стратегиска оценка на влијание врз животната средина и ЕУ2020 пакетот за клима и енергија.“
Обуката работилницата како дел од компонентата на проектот за јакнење на капацитетите  беше наменета за претставниците на десетте организации кои работат на полето на животната средина и се вклучени во овој проект: Цепросард – Скопје, Натура -Струга, Полимат 13 – Богданци, Проактива – Скопје, Регионален центар за застапување – Делчево, Целор – Радовиш, Go Green – Скопје, Амброзија – Пехчево,  Ајде Македонија – Скопје и Еко Акција – Тетово.
Еколошка демократија – Архуска Конвенција, Оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС), Меѓународно-правна рамка за ОВЖС (ЕУ Директива за ОВЖС + ЕСПО Конвенција), Национално-правна рамка за ОВЖС (Закон за животна средина со подзаконски акти), Стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина (СОЖС), Меѓународно-правна рамка за СОЖС (ЕУ Директива за СОЖС + СЕА Протокол кон ЕСПО Конвенцијата), Национално-правна рамка за СОЖС (Закон за животна средина со подзаконски акти) беа само дел од темите кои беа дискутирани на оваа обука.
Дополнително, во рамки на оваа обука, преку практични примери сите учесници имаа можност да бидат вклучени во еден од најмалку застапените позитивни примери во нашата земја, а толку важен за приближувањето кон европските позитивни практики -Важноста на учеството на јавноста во постапките.

(Милиеуконтакт, 21.09.2016)


„Принципите на ЕУ 2020 пакетот за енергија и клима“

Прва заедничка обука во рамки на CEEU 2020 проектот во Велес
Изминатиот викенд (17-19 Јуни) беше одржана првата заедничка работилница во рамки  на новиот проект на Милиеуконтакт Македонија во партнерство со тренинг институтот Коцка и и Фронт 21/42 – насловен „Зајакнати граѓански организации за партиципативно транспонирање и спроведување на ЕУ 2020 пакетот за енергија и клима“. Новиот ИПА проект, спаѓа во ИПА 2 Инструментот за граѓанско општество и медиуми IPA 2 Multi-Country Civil Society Facility & Media Programme 2014-2015, а главна цел е подобрување на управувањето со животната средина преку создавање на услови за ефективно учество на граѓанските организации во процесот на донесување на одлуки. Истовремено и нивно влијание врз клучните реформи за понатамошно транспонирање и имплементација на ЕУ 2020 пакетот за енергија и клима во земјата. Се очекува преку спроведувањето  на овој проект да го зголеми ниското ниво на учество на граѓанските организации во процесот на донесување на одлуки, забележано во Извештајот за напредок на земјата за 2014 година.
Граѓанските организации генерално се соочуваат со недостаток од познавање на ЕУ 2020 пакетот за енергија и клима, како нов дел од законодавството на ЕУ, па оттука ова е вистински момент за граѓанското движење да го промовира партиципативниот пристап кон овој процес. Проектот Зајакнати граѓански организации за партиципативно транспонирање и спроведување на ЕУ 2020 пакетот за енергија и клима е осумнаесет месечна иницијатива која ќе се имплементира во периодот помеѓу 18-ти јануари 2016 година и 18 јули 2017 година од страна на Здружението за одржлив развој МИЛИЕУКОНТАКТ Македонија во партнерство со Институтот за обука КОЦКА и Граѓанското здружение за животна средина Фронт 21/42. “Развојот на граѓанскиот сектор, во голема мера, благодарение на програмите за финансирање од ЕУ, е евидентен во последните неколку години. Преку овој проект, очекуваме да се зајакнат капацитетите на граѓанските организации поврзани со ЕУ 2020 пакетот за енергија и клима и да се воспостават оперативни механизми за комуникација и застапување во корист на заштита на животната средина. Очекуваме да видиме силно и одржливо партнерство меѓу граѓанските организации и релевантни национални и локални власти за време на спроведувањето на заедничките активности. Ова е навистина важен чекор напред во поглед на справување со климатските промени и демократскиот напредок на сите нивоа” истакна на самото лансирање на овој проект претставникот на Делегацијата на Европската унија, Јаромир Левичек.
На оваа работилница свое учество покрај Милиеуконтакт Македонија, Т.И Коцка и Фронт 21/42 имаа и  10-те организации кои учествуваат како партнерски организации во имплементација на овој проект и тоа:  Цепросард – Скопје, Натура -Струга, Полимат 13 – Богданци, Проактива – Скопје, Регионален центар за застапување – Делчево, Целор – Радовиш, Go Green – Скопје, Амброзија – Пехчево,  Ајде Македонија – Скопје и Еко Акција – Тетово.
Обуката под наслов Принципите на ЕУ 2020 пакетот за енергија и клима беше одржана под менторство на Теодора Грнчаровска – Обрадовиќ и Александра Бујаровска.
Преглед на ЕУ пакетот за енергија, Систем за тргување со емисии, Политики за енергетска ефикасност, Политики за обновливи енергии беа само дел од темите кои беа опфатени и дискутирани на оваа обука.

(Милиеуконтакт, 20.06.2016)