Select Page

Rаботилница за изработка на сончеви колектори

Од 21 до 25 септември во Галац, Романија се одржа работилница за изработка на сончеви колектори по системот направи сам. Петнаесетина учесници од Македонија, Романија и Бугарија беа обучени од страна на Ион Замфир од Пријатели на земјата од Романија за изработка на сончев колектор од 2 метри квадратни за добивање на топла санитарна вода.
Работилницата е дел од проектот “Обука за обновлива енергија за балкаските млади” кој го реализира здружението на граѓани Проактива од Скопје во соработка со МОРИС, Инфо Карлово, За земјата од Бугарија и Пријатели на земјата од Романија. Спроведувањето на проектот е во рамките на Алавида програмата за Југоисточна Европа.
Втората работилница на истата тема ќе се одржи од 14 до 17 октомври 2003 во Струга, а последната трета на крајот од октомври во Карлово, Бугарија. Покрај тоа до пошироката јавност во овие три земји ќе се диструбираат информативни материјали за изработка на сончеви колектори.

(Проактива, 25.09.2003)


АКЦИЈА НА “ПРОАКТИВА” ЗА ПОПУЛАРИЗАЦИЈА НА ВЕЛОСИПЕДОТ

Познати личности на работа ќе одат со позајмени велосипеди
Оваа иницијатива е дел од акцијата за промовирање на масовното користење на велосипедот како најевтин и најбрз превоз, со кој не се загадува животната средина.
Познати македонски личности до крајот на октомври на работа ќе одат со велосипеди, како дел од новата акција за популаризација на велосипедот како превозно средство на нашите простори. Акцијата на невладината организација “Проактива” бесплатно да им изнајмува велосипед на познати личности на по две недели, со кој тие ќе одат на работа, е дел од кампањата “Еден автомобил помалку”, која ќе трае до крајот на мај идната година.
– Кампањата почна во минатата недела, кога “Проактива” му изнајми еден од велосипедите на Бранко Миленковски, познат македонски хендикепиран велосипедист, кој заедно со хендикепираните велосипедисти, Душан Версиќ и Александар Вуков од Србија, возеше до Гевгелија. Во план сме петте маунт и сити велосипеди во првата група да им ги позајмиме на Билјана Ристовска, од групата “Синтезис”, Игор Славковски од холандската фондација “МКОЕ”, Роберт Шарламанов од “ГОПА-Консалтанс”, кои две недели на своите работни места ќе одат со велосипеди – вели Владимир Карчицки, волонтер во “Проактива”.
Велосипедите што ќе ги возат познатите личности се донација од кумановската фирма за производство на велосипеди “Собим”.
Кампањата на “Проактива” и познатите македонски личности е дел од акцијата за промовирање на масовното користење на велосипедот како најевтин и најбрз превоз, со кој не се загадува животната средина.
– Во автомобилите просечно се вози по еден човек. Со оставање на автомобилите дома за една година ќе дишиме почист воздух и ќе имаме помал сообраќаен хаос – вели Карчицки.
Тој додава дека Скопје за разлика од други поголеми градови како Софија има услови за безбедно возење велосипеди и дека особено меѓу младите возењето велосипеди и ролери е се помасовно.
Според испитувањата на Министерството за животна средина и просторно планирање, скопјани дишат најмногу сулфурдиоксид, азотни и јаглеродни оксиди. Најголеми загадувачи се автомобилите и автобусите, од кои повеќето се постари од 15 години. Од податоците на МЖСПП, Скопје, Битола, Тетово и Јегуновце се најзагадени општини. Скопјани, тетовци и битолчани се и најмногу изложени на голема бучавост и на сообраќајни несреќи.

(Дневник, 23.09.2003)


НА БЕНЗИНСКИТЕ ПУМПИ ВО СКОПЈЕ: Свеста на потрошувачите се подига со брошури за безоловниот бензин

На бензинската пумпа на “Макпетрол” во скопската населба Ново Лисиче волонтери на невладината организација “Проактива” вчера на сите возачи им делеа брошури со информации за корисноста на безоловниот наспроти оловниот бензин “супер 98”. Акцијата на волонтерите на “Проактива” е дел од кампањата на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) насловена “Отстранување од употребата на оловниот бензин” за информирање на граѓаните како да ги прештелуваат своите автомобили за да можат да користат безоловен бензин. Еколошкиот карван на Министерството за животна средина утре ќе биде стациониран на бензинската пумпа на “Макпетрол” во скопската населба Карпош, а ќе ги посети и поголемите градови во земјава.
– Безоловниот бензин е поевтин и не ја загадува животната средина како што ја загадува оловниот бензин. Преку инфо-линијата 9801 граѓаните може да ги добијат сите информации за начинот на адаптација на своите возила, која не чини многу пари зашто возачите единствено што треба да направат е да го прештелуваат палењето и да ги заменат гумените црева – вели Влатко Трпески, од “Проактива”.
Кампањата на МЖСПП е поддржана од Европската Унија и од големите дистрибутери на бензин во земјава.

(Дневник, 16.09.2003)


миа ИНТЕРВЈУ: ВЛАДИМИР КАРЧИЦКИ ОД НЕВЛАДИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА “ПРОАКТИВА”

Кога започна проектот “Сонцето – нашата иднина” и на што точно се однесува?

  • Проектот започна на наша иницијатива пред една година со цел промовирање на сончевата енергија како најприменлива кај нас. Во мај минатата година беше поднесен концептот, а во септември одобрен од Канцеларијата на Регионалниот центар за животна средина за Источна и Југоисточна Европа во Скопје, со финансиска поддршка од данското Министерство за животна средина и енергија. Во реализацијата учествуваме ние, еколошкото друштво “Светлина” од Неготино и приватното претпријатие “Етерна солар”. Проектот има вкупна вредност од 6.800 евра, а ќе трае до средината на октомври оваа година.

Вчера беше одржано првото предавање, какви се вашите впечатоци за заинтерсираноста на граѓаните и на јавноста?

  • Заинтересираноста беше добра, имаше многу млади и голем интерес од нивна страна. Се зборуваше за можностите на искористување на сончевата енергија, за добивање на санитарна топла вода и на електрична енергија.

Кои се основните цели на овој проект?

  • Главно е подигање на јавната свест за користење на сончевата енергија, и доколку обезбедиме дополнителни финансии ќе поставиме колектори во Скопје и во Неготино. Нашата следна активност е лобирањето и намалувањето на данокот за системите за сончева енергија. Во сите европски држави давачките се минимални, а кај нас 18 отсто. Од царина се ослободени само панелите. Заради тоа, формиравме лоби-група од голем број невладини организации, новинари, професори, речиси сите луѓе кои се директно поврзани со производство и дистрибуција на сончеви колектори. Според европските директиви, до 2006 година Македонија мора да го намали овој данок, па нашите лобирања ќе бидат насочени кон Министерството за финансии. За оваа кампања имаме целосна поддршка од Министерството за животна средина и од Хидрометереолошкиот завод.

Дали имате податоци колку се користи соларната енергија во нашава држава?

  • За жал многу малку. Има повеќе причини. Според нашите истражувања, една е ниската едукација на населението за можностите, начините и бенифициите што ги дава овој вид енергија. Тука се вбројува и високата цена на целиот систем, бидејќи дури по четири до пет години може да зборуваме за бесплатна енергија. Во Македонија има доволно сончева енергија за да се задоволат 75 до 80 отсто од потребите за топлинска енергија, а наспроти тоа само неколку сончеви системи. Ние ќе побараме од Владата да формира фонд кој би давал поволни кредити за инсталација на колекторите, а би се финансирал од долгот на Македонија кон Парискиот клуб. Имено, билатерално е договорено тие средства да и бидат отпишани на нашава држава доколку 10 отсто од нив бидат инвестирани во еколошки проекти, поточно во извори на енергија.

Дали има заинтересираност и од стопанските субјекти за искористување на сончевата енергија?

  • Ова е прв проект за промоција на сончевата енергија. Досега имаме понуди од многу македонски и странски фирми, од невладини организации, а имаме и луѓе кои се вклучени во производство на ваква енергија во Македонија.

(МИА, 27.03.2003)


ПРОАКТИВА – БИЛТЕН …

Здружението „Проактива“ почна да го из¬дава Билтенот, чиј прв број излезе во јануари.
Билтенот обработува содржини за промоција на обновливи енергетски извори, енергетска ефикасност и мониторинг на МФИ, а содржи информации за тековните активности на Проактива.
Специјален додаток на ова издание е претставувањето на Стратегијата за поддршка на земјата која се изготвува од страна на Светската банка. Билтенот излегува еднаш на два месеци, а Проактива го издава самостојно (од свои средства).
Печатената верзија има тираж од 100 примероци и се доставува низ Македонија, а електронската верзија ќе може да се најде и на веб-страницата на Проактива, како и на листата на еконет.
… И “ИДНИНАТА Е ОБНОВЛИВА”
„Проактива“ ја издаде брошурата под наслов „Иднината е обновлива“, во рамките на проектот „Младите за сегашноста и иднината“, поддржан од Институтот за трајни заедници, кој се реализираше во соработка со здруженијата „Биосфера“ – Битола, „Планетум“ – Струмица и „Китка“ – Скопје.
Во брошурата станува збор за еколошко-енергетската состојба во Македонија, обновливите енергетски извори, климатските промени, енергетската ефикасност и заштедата на енергија и други аспекти од оваа тема.

(Граѓански свет, 24.02.2003)