Select Page

ПРОАКТИВА-Еколошки фокусирана невладина организација која е активна од 2001 година.

Оваа невладина организација е член на SEEEN (Мрежа на еколошки НВОи на Југоисточна Европа) и претставува прв обид да се развие координација на еколошките организации на регионално ниво преку создавање на форум што ќе иницира долгорочни процеси преку организирање и олеснување на имплементација на специфични задачи поставени од страна на нејзините членови и пошироката јавност во регионот. ПРОАКТИВА ги фокусира своите активности во областа на енергетската ефикасност, промоција на обновливите енергии и одржлив развој. Има организирано бројни кампањи и активности за подигање на јавната свест, работилници, обуки итн. Една од најважните кампањи беше онаа за заштеда на енергија во комерцијалниот и станбениот сектор преку промовирање на подобрување на изолација во резиденцијалниот сектор, како и кампањата за промоција на јавниот транспорт во градот Скопје (кој беше поддржан од страна на медиумите и Проектна канцеларија за климатски промени,).
Општини / Проактива(НВО): Енергетски ефикасна општина, реализирана во општина Јегуновце и Општина Шуто Оризари. Главна активност на проектот е намалување на емисијата на CO2 од јавните објекти со следниве активности: 3 практични и 3 теоретски часови за енергетска ефикасност; 2 практични и 2 теоретски часови за обновлива енергија; инсталација на 2 соларни системи базирани на принципот “направи сам” и спроведување на мерките за енергетска ефикасност во јавните објекти.
Општински / Проактива(НВО): Мастер план за велосипеди за градот Скопје во пракса: изработка на физибилити студија за велосипеди во соработка со Град Скопје – Сектор за сообраќај, обезбедување на координација меѓу релевантните засегнати страни кои ги поддржуваат зајакнатите принципи на доброто владеење во управување со транспортот; обележување на велосипедски патеки и прилагодувања / градење на велосипедски патеки во градот и подготовка, печатење и дистрибуција на материјали за подигање на јавната свест (заедно со градот Скопје, ГЕФ при ООН, деловниот сектор и другите локални невладини организации).

(Комуникациска стратегија и акциски план за климатски промени; Министерство за животна средина и просторно планирање, 2013)


Координација на училишните еко-одбори во Карпош

Денес, петок (10 мај 2013) во просториите на ООУ “Димо Хаџи Димов” во рамките на годишната програма за работа на Секторот за заштита на животната средина и природата при општина Карпош, се одржа собир на представници од сите основни училишта од Карпош, представници од здруженијата на граѓани и представници од локалната самоуправа по повод отпочнувањето на двата големи еко-проекти.
Преку  видео презентација,  претставниците на двете здруженија на граѓани “Проактива” и “Еко логик” ги запознаа учесниците на овој еко-собир со идните проекти од областа на екологијата кои ќе се реализираат на територијата на Карпош, во периодот кој следува. Модератор на настанот беше стручното лице од областа на заштита на животната средина од општина Карпош,  Јован Цветаноски.
На средбата стана збор за подигнување на еколошката свест кај младите, глобалните еколошки проблеми со кои се соочува човештвото, како и изнаоѓање на ефектни решенија и начини на однесување. Средбата помина во координативен дух низ отворена дискусија, во која учесниците дебатираа и поставуваа прашања поврзани со активностите во рамките на еко-проектите.
Еден од најголемите проблеми на училиштата во Република Македонија, како и во општина Карпош е малиот број наставно технички алатки кои би можеле да им асистираат на наставниците и професорите при изведување на наставата од областа на природните науки, со посебен акцент на предметите: природа, природа и општество, физика, биологија, хемија итн.
По  спроведувањето  на  проектот  од страна на НВО “Проактива”,  заинтерсираните  училишта  од општина Карпош ќе бидат вклучени во интернационалната мрежа на  училишта  во  рамките  на  СПАРЕ  програмата,  со  што  ќе  им  се овозможи  пристап  до  најдобрите  практики  при  спроведување  на наставните содржини од областа на животната средина. СПАРЕ (www.spareworld.org) е најголемата интернационалната програма за заштеда на енергија, клима и животна средина и се спроведува во 4.500 училишта ширум светот во која се опфатени околу 175.000 ученици. Истата е основана во 1996 и се спроведува во 19 држави во светот (Португалија, Полска, Русија, Романија, Бугарија итн..). Програмата се одвива во координација со интернационалната организација “Friends of the Earth” од Норвешка, а Македонија е примена како 14-та членка на образовната програма во 2006 година. Со  одржувањето  на  обуките  кај  професорите  ќе  се  развијат техники  за  придвижување  на  апстрактните  научни  поими  до учениците и ќе им се дадат на располагање апликативни алатки за подобрување на квалитетот на наставата по природните науки во училиштата. При одржувањето на часовите во училиштата во општина Карпош ќе  се  подигне  нивото  на  свест  за  проблемите  од  областа  на животната  средина  (климатските промени  и  заштедата  на енергија) на учениците.
Предлагач на вториот еко-проект е здружението на граѓани “НВО-Логик “ кои во соработка со НВО “Здрави за живот“ ќе го реализираат проектот кој ги содржи следниве активности : Предавања, презентации, работилници, рециклирање на хартија, еко-игри, креирање на детски игри од рециклирана хартија, еко уметност, набљудување (мониторинг) на разни видови пеперутки (тест активност), подигнување на детската свест во однос на здрав начин на живот, здрави животни навики, еколошко размислување.

(Општина Карпош, 10.05.2013)