Select Page

Отварање на реновираната велосипедска патека во Општина Аеродром

Велосипедската патека по должина на булеварите „Јане Сандански“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ во Општина Аеродром, ќе биде отворена во среда.
На 21 октомври 2009 година, со почеток во 11:30 часот пред супермаркетот Веро во Општина Аеродром ќе започне градската велосипедска тура по реновираната патека. Сите заинтересирани се поканети.
По завршувањето на турата, пред трговскиот центар „Бисер“ ќе има културно-уметничка програма со наградна игра – делење велосипеди.
Реконструкцијата на велосипедската патека е спроведена од здружението на граѓани Проактива, а поддржано од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.

(Точак, 19.10.2009)


Енергетска ефикасност за најмладите

Учениците за прв пат ќе имаат можност да работат со мини ПВ соларни системи за добивање на електрична енергија
Здружението на граѓани Проактива во соработка со Здружението на граѓани ФОКУС- Словенија го спроведуваат проектот “Одржлива енергија за одржлив развој – втор дел”. По иницијатива на здруженијата практичниот дел од активностите (термоизолација на прозорците и промена на волфрамските светилки со енергетско ефикасни светилки) беше промовиран во основното училиште “Кирил и Методиј” во Стајковци, општина Гази Баба. Теоретскиот дел од активностите на проектот е едукација на учениците од четврто, осмо и деветто одделение.
– Учениците од четврто одделение ќе имаат можност да се едуцираат на часовите по ликовна уметност. За таа цел 3Г Проактива ќе донира блокови, четки и темперни боички кои учениците во наставата по ликовна уметност. Исто така, учениците за прв пат ќе имаат можност да работат со мини ПВ соларни системи за добивање на електрична енергија. Учениците од осмо и деветто одделение своето знаење за обновливи извори на енергија ќе го надградат со еднодневна посета на Првата Еко-куќа во село Кадино и градинката “Снежана” во општина Шуто Оризари, каде ќе имаат можност да ја видат првата Соларна централа за електрична енергија и соларните системи за топла санитарна вода – изјави Јован Драгановски – проектен координатор.
Драгановски додаде дека во училиштето ќе бидат доставени прирачници за енергетската ефикасност кои ќе ги користат наставниците по природните науки како дополнителна алатка во нивните предавања.
– Ќе бидат дистрибуирани и едукативни постери за енергетска ефикасност, обновливи и необновливи енергетски извори и климатски промени, а на учениците ќе им бидат поделени и летоци со кратки совети за енергетската ефикасност и заштеда за енергија – рече Драгановски.
Овој проект е финансиран од страна на Владата на Република Словенија, а едукативните материјали се добиени од мрежата АРГЕЕ.НЕТ и СПАРЕ програмата.

(Вечер, 12.10.2009)


Штедиме ли на струја?

Од набавка на штедливи сијалици до користење на апарати за домаќинство на евтина струја, Македонците знаат да штедат електрична енергија. Некои тоа го прават за да заштедат додека пак други дополнително се интересираат за заштита на околината.
Од набавка на штедливи сијалици до користење на апарати за домаќинство на евтина струја, Македонците знаат да штедат електрична енергија. Некои тоа го прават за да заштедат додека пак други дополнително се интересираат за заштита на околината.
„Сијалиците не ги исклучуваме, меѓутоа гледаме бојлерот кога е евтина струја да го пуштаме.„
„Штедиме, на пример кога е скапа струја не уклучуваме апарати.“
Дел од граѓаните исто така се информирани за неодамнешната иницијатива на Европската Унија за замена на стандардните светилки со штедливи
„Тие штедливи сијалици се многу корисни и сакаме да ги смениме.“
„Дали ќе можеме и дали ќе постигнеме, незнам.“
И покрај тоа што од Брисел тврдат дека белите штедливи светилки се поефикасни во поглед на потрошувачката на струја, се поставува прашањето дали просечниот Македонец може да си ја дозволи првичната инвестиција. За илустрација, во супермаркетите низ Скопје се продаваат штедливи светилки марка „Филипс“ по цена од 349 денари за парче. Цената за стандардна светилка од 100 вати од истиот
Енергетски ефикасните светилки би требало да траат повеќе од обичните, за некаде околу 2 и пол години, а знаеме дека обичните светилки тоа не го можат
производител е 23 денари за парче. Други, понепознати марки на штедливи светилки се продаваат и по цени од осумдесетина денари, што сепак е речиси четири пати повеќе од стандардна светилка. Од невладината организација „Проактива“ велат дека штедливите светилки се исплатливи. Илија Саздовски посочува дека овие светилки се потрајни од обичните:
„Енергетски ефикасните светилки би требало да траат повеќе од обичните, за некаде околу 2 и пол години, а знаеме дека обичните светилки тоа не го можат. Значи реално ако се пресмета и потрошувачката на енергија, може да заклучиме дека енергетските ефикасните светилки не се поскапи, туку поевтини.“
Инаку на странските медиуми веќе се емитуваат реклами за таканаречени „зелени домаќинства“. Уште еден пример е дека со користење на машина за миење на садови, годишно се прават значајни заштеди на вода и струја. Сепак, просечната цена на машина за садови е 300 евра, за што просечниот Македонец ќе треба да ја даде целата месечна плата.

(Слободна Европа, 18.09.2009)


ПАЈАКОТ ВО АКЦИЈА НА „ЈАНЕ САНДАНСКИ“

Заради непречена реализација на акцијата за поставување метални пречки по должината на булеварот „Јане Сандански“, денеска од 9 до 14 часот, пајакот ќе ги подигнува сите непрописно паркирани возила, кои се оставени во пешачката и во велосипедската зона, како и во зеленилото. Поради тоа, општинарите апелираат до сите жители во околните згради сами да ги преместат возилата на паркинг-просторот.
П-оградите Општината ги поставува за заштита на велосипедската патека што се протега покрај булеварот, како и за нејзино непречено користење од страна на велосипедистите. 
Металните пречки ги поставува Општина Аеродром во соработка со Град Скопје и „Проактива“ и Амбасадата на Кралството Холандија.
(Утрински весник, 31.05.2009)


ПОГОЛЕМО КОРИСТЕЊЕ ВЕЛОСИПЕДИ

Општина Аеродром во соработка со Здружението на граѓани „Проактива“ деновиве за децата во сите основни училишта и градинки на нејзина територија подели стотина едукативни постери, линијари и налепници на тема „Промоција на урбан велосипедизам во град Скопје“. Главна цел е да се влијае едукативно кај учениците. Акцијата се спроведува во рамките на проектот „Имплементација на основниот план за употреба на велосипеди во општина Аеродром – втор дел“, финансиски поддржан од амбасадата на Кралството Холандија во Македонија.

(МИА, 27.05.2009)


Поставени првите семафори за велосипедисти Скопје

На раскрсницата помеѓу булеварите Кузман Јосифовски – Питу и Кочо Рацин на 21 мај 2009 година беа поставени првите 12 семафори за велосипедисти во Скопје и воопшто во Македонија.
Поставувањето на семафорите е дел од проектот „Промовирање на алтернативни транспортни решенија – намалување на стакленичките гасови во јавниот транспорт во Скопје, Македонија“, чија главна цел е намалување на емисиите на стакленичките гасови во јавниот транспорт во Скопје со промоција на употребата на велосипеди, чиј носител е Здружението на граѓани Проактива од Скопје. Една од главните активности во проектот беше изградба на велосипедска патека низ централното градско подрачје која ги поврза веќе постојните патеки во источниот и западниот дел на Скопје. Во реализацијата на патеката се вклучени Градот Скопје, Британската амбасада во Скопје, Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) и Проактива.
Семафорите се донација на РСБСП, а беа поставени од страна на екипата на „Улици и патишта“. До крајот на мај 2009 година ќе се постават уште 21 семафор на сите раскрсници долж булеварот Кузман Јосифовски – Питу.
Проактива исто така учествува во проектот за реконструкција на велосипедските патеки во Општина Аеродром каде што се привршуваат градежните и сообраќајните работи по должина на булеварот Јане Сандански.

(Проактива, 22.05.2009)


Сонцето не го трошиме

Поради нискиот животен стандард, изградбата на соларни колектори е прескапа инвестиција за граѓаните, иако земјава има 270 сончеви денa во годината
Македонија има голем потенцијал за искористување на сончевата енергија, но поради нискиот животен стандард изградбата на сончеви колектори е прескапа инвестиција за граѓаните. Вложувањето во сончеви панели за топла вода во просек се враќа за 5 до 6 години што ги прави поисплатливи за инвестирање во споредба со фотоволтажните панели за производство на електрична енергија за што се потребни 20 до 25 години. Искористувањето на сончевата енергија како највисока примена на енергетската ефикасност најдобро се остварува преку изградба на пасивни куќи кои се вистински штедачи на енергија.
– Македонија има 270 сончеви денa, но сончевите колектори не се застапени зашто основната инвестиција е многу скапа – вели Милан Неделковски од невладината организација „Проактива“.
Цената на фотоволтажните панели зависи од потребите за енергија и се движи од 500 евра за производство на струја само за осветлување мали викендички, па до 10.000- 15.000 евра за задоволување на потребите од струја за цела куќа. Директорот на фирмата за производство на специјална индустриска електроника „Сието“, Ѕвонко Марковски, објаснува дека цената најмногу зависи од тоа дали употребувате апарати во домаќинството со висока или со ниска потрошувачка на енергија.
Според генералниот секретар на Македонскиот центарот за енергетска ефикасност (МАЦЕФ), Македонка Димитрова – Андонова, во Македонија најраспространети се термалните колектори за загревање на санитарна вода.
– Поради високата цена, фотоволтажните панели многу малку се употребуваат. Најголема употреба на сончеви колектори има во угостителските објекти, а по градови во Гевгелија и Кочани, меѓу другото и поради постоење на фабрички погони за склопување на уредите за претворање на сончева енергија – вели Димитрова- Андонова.
Пасивната куќа е градба со максимална топлинска изолација на ѕидовите, која користи обновливи извори на енергија. За пасивна куќа во Европа годишно се потребни само 15 киловати на квадратен метар дополнителна надворешна енергија.
– Пасивната куќа всушност самата ги загрева и лади внатрешните простории – објаснува Димитрова-Андонова.
За разлика од Македонија, во светот се градат цели населби со пасивни куќи. Најмногу пасивните куќи во Европа се застапени во Германија, Австрија и Шпанија.
– Германија е отидена најнапред во регулативата за имплементирање на енергетската ефикасност. Високиот стандард на населението овозможува градење пасивни куќи кои одржуваат доволно ниво на топлина за да не им требаат дополнителни извори на енергија- вели генералниот секретар на МАЦЕФ.
Македонија е прва земја на Балканот што има воведено соларен тест центар во рамки на Републичкиот хидрометеоролошки завод.
– Тест-центарот ја мери искористливоста на сончевото зрачење на сончевите колектори и издава сертификати за панелите произведени во земјава – вели Владимир Карчицки, претседател на „Проактива“.
За да се поттикне искористувањето на сончевата енергија, која е обновлива и не ја загадува животната средина, Владата две години по ред одобрува 500 субвенции од по 300 евра за инсталиран систем. Воведени се и повластени тарифи за производство на енергија од обновливи извори кои вклучуваат намалување на данокот на додадената вредност на 5 отсто за делови од системите за искористување на сончевата енергија.

(Дневник, 27.04.2009)


И велосипедите чекаат паркинг

Предлог-проектот за поставување паркинзи за велосипеди во центарот на градот чека одобрување средства од Регионалниот еколошки центар (РЕЦ). Поради тоа не може временски да се прецизира кога ќе почне реализацијата, иако Градот вети дека во соработка со РЕЦ, ќе ги постави до крајот на септември минатата година.
– Немам автомобил и кога временските услови дозволуваат, го возам велосипедот. Но, кога треба да застанам и да го оставам, мора да го потпрам на некое дрво или на ограда. Треба да се постават метални паркинзи, бидејќи граѓаните имаат голема потреба од нив. Нив ги нема ни пред пазарите, ни пред трговските центри ни пред јавните институции – вели Драган Петковски жител од Карпош 3.
Овие паркинзи беа планирани на булеварот Партизански одреди, кај Трговскиот центар „Буњаковец“ и кај истоимениот пазар, а два паркинга на спојот на плоштадот со кејот 13 Ноември, односно вкупно 160 паркинг-места за велосипеди на четирите локации.
Предлогот до РЕЦ го поднесе Градот, заедно со Општината Карпош и со невладината организација Коалиција за одржлив развој.
Овој проект за поставување велосипедски паркинзи се спроведува во неколку држави. Прво треба да се изработат сите проекти поединечно и да се достават до главната канцеларија на РЕЦ. Се’ уште чекаме одговор од донаторот РЕЦ, кој со поддршка од Шведската агенција за меѓународен развој и соработка – СИДА, ќе треба да донира пари за реализација на овој проект – Валентина Петрушевска, проект-менаџер во РЕЦ.
И покрај многуте акции и кампањи со кои се апелира повеќе да се користат велосипедите како едно од можните решенија за транспорт без при тоа да се загадува животната средина, сепак, се’ уште тешко се обезбедува инфраструктура за нив. Велосипедските паркинзи требаше да бидат вклучени во рамките на проектот за обележување на велосипедската патека на скопските улици, што градот го реализираше со британската амбасада и со Републичкиот завод за безбедност во сообраќајот.
Градоначалникот на Град Скопје Трифун Костовски, министерот за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Неџати Јакупи, и претседателот на здружението на граѓани „Проактива“, Владимир Карчицки, неодамна отпишаа меморандум за спроведување на Основниот план за употреба на велосипеди во Скопје.
Главна активност на овој меморандум е реконструкција и сигнализација на велосипедските патеки во Општина Аеродром, по должина на булеварите Јане Сандански и Кузман Јосифоски-Питу, кој треба да заврши до 30 мај годинава.
Во минатата година, по повод Денот без автомобили – 22 септември, беше промовирана првата стандардизирана велосипедска патека во централното градско подрачје. Овој проект е поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија и претставува втора фаза од проектот за обележување на велосипедските патеки на скопските улици.

(Дневник, 03.02.2009)


ПО ЦЕНТАР, ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ ЌЕ ДОБИЕ И АЕРОДРОМ

Точак и точка за цело Скопјe

Со меморандум за соработка којшто го потпишаа скопскиот градоначалник Трифун Костовски, министерот за животна средина Неџати Јакупи, и невладината организација “Проактива” ќе почне реконструкција, конструкција и сигнализација на велосипедските патеки во општина Аеродром
Скопје има одлични предуслови да биде град на велосипеди и идеална природна местоположба за развивање на велосипедизмот како евтино и еколошко алтернативно превозно средство. Од таа причина, градските власти продолжуваат со спроведување на вториот дел од Основниот план за употреба на велосипеди во Скопје кој предвидува изградба на целосна мрежа на велосипедски патеки. Официјалниот старт беше означен вчера, кога скопскиот градоначалник Трифун Костовски, Министерот за животна средина и просторно планирање Неџати Јакупи, и невладината организација “Проактива” потпишаа меморандум за разбирање за заедничко учество во реконструкција, конструкција и сигнализација на велосипедските патеки во општина Аеродром.
Министерот Јакупи по потпишувањето на меморандумот истакна дека Министерството ги поддржува проектите што се во интерес на зачувување на животната средина и обезбедување на подобар квалитет на живеење на граѓаните.
– Минатата година, по повод Денот без автомобили веќе ја промовиравме првата стандардизирана велосипедска патека во централното градско подрачје, а со овој проект продолжуваме во Аеродром. Сакаме да ја афирмираме употребата на велосипедот како превозно средство, како што е практика во Кралството Холандија, со чија финансиска помош се реализира проектот, истакна Јакупи. Холандската амбасадорка Симоне Филипини, која целата македонска јавност ја познава како голем поборник за користење на велоспидите рече дека педесет проценти од населението во Холандија секојдневно користи велосипед како превозно средство. Таа презентираше интересни стастички податоци дека во Холандија има 15 илјади километри велосипедски патеки, а секој Холанѓанец во просек дневно минува по 3 километри на велосипед. – Ние сме еколошки свесна и највелосипедска нација која секојдневно го практицира здравиот начин на транспорт, рече амбасадорката Филипини.
Градоначалникот Костовски посочи дека проектот ќе овозможи користење на велосипедот како превозно средство, а со тоа и побрза мобилност на граѓаните на Скопје, помало загадување.
Со велосипедските патеки предвидени со проектот опфатени се две делници, со што ќе се овозможи поврзување на Аеродром со централното градско подрачје. Првата патека со должина од 450 метри е од булеварот “К.Ј – Питу” преку Транспортниот центар до крстосницата со булевар “Јане Сандански” и улицата “Фрањо Клуз”. Другата делница започнува од крстосницата на булеварите “Јане Сандански” со “Кузман Јосифовски – Питу” и улицата “Фрањо Клуз” до крстосницата со булевар “Србија” и е со должина од 2.360 метри.
Според статистиките, само 1,9 отсто од жителите на метрополата го користат велосипедот како превозно средство.

(Вечер, 26.01.2009)